ДРЖАВАТА НЕ Ѝ ДОЗВОЛИЛА ДА КУПИ ВОЗИЛА, ОТИШЛЕ 102.000 ЕВРА ЗА ЛИЗИНГ Комисијата за жалби по јавни набавки отфрлала жалби на штета на буџетот
Државниот ревизор констатира дека Комисијата иако е независно тело нема сопствени простории и работи во простории сопственост на Министерството за политички систем.
Државната комисија за жалби по јавни набавки од 2021 година функционира со еден член помалку, што го доведува во прашање одржувањето на седниците и донесувањето на одлуките по жалбите. Голем дел од одлуките на Комисијата ги поништуваат судовите за што е пропишан надоместок на штета на економските оператори кој се исплаќа од државниот буџет. Од 2015 година до денес Комисијата потрошила 102.000 евра за изнајмување патничко возило на лизинг бидејќи државата не ѝ одобрува пари за набавка на сопствено возило. Иако е независна Комисијата нема сопствени простории и користи простории на Министерството за политички систем. Ова се забелешките на Државниот ревизор за работата и финансиското работење на Комисијата.
Ревизорот констатира дека Комисијата има голем број отфрлени жалби за кои подоцна судовите носат спротивни одлуки со можност економските оператори да поведат постапка за надомест на штета која се плаќа од државниот буџет.
Во текот на 2022 година по поведени тужби од економските оператори за донесените решенија на Државната комисија, уважени се вкупно 15 тужби и тоа 8 тужби од Управен суд и 7 од страна на Вишиот управен суд.
„До Управниот суд во текот на 2022 година поднесени се вкупно 83 тужби за кои донесени се 54 пресуди додека останатите 29 предмети сѐ уште немаат одлука. Од решените предмети 8 тужби се уважени, 42 се одбиени како неосновани, една е отфрлена и за 3 тужби е запрена постапката. До Вишиот управен суд во текот на 2022 година поднесени се 58 жалби против одлуки на Управен суд, додека решени се вкупно 80 предмети (дел и од 2021 година), од кои уважени се 7 жалби (кај 2 жалби решението на Управен суд е променето, а кај 5 жалби е укинато решението на Управен суд)“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Ревизорите предупредуваат дека „доколку економските оператори чии тужби се усвоени од страна на Управниот и Вишиот управен суд поведат постапка за надомест на штета (изгубена добивка) таквите состојби во иднина ќе доведат до одлив на средства од Буџетот на државата, што укажува на потребата од должно внимание при носењето на решенијата од Државната комисија по доставените тужби од страна на економските оператори“.
Во Извештајот се констатира и дека Државната комисија почнувајќи од 2015 година, потребата за службено моторно возило ја обезбедува преку склучување на договори за набавка на патничко моторно возило со оперативен лизинг, согласно кои моторното возило се користи во период од 36 месеци, во кој период се исплаќа месечен надомест и по истекот на договорот, возилото се враќа на давателот на услугата за лизинг. Комисијата побарала пари за купување сопствено возило но не ги добила од државните органи.
„Истакнуваме дека вкупните трошоци за оперативниот лизинг согласно склучените договори за наем на возило за период 2015-2024 година се во износ од 6.267.000 денари или 102.000 евра. Укажуваме на потребата од преиспитување на оправданоста на користењето на оперативниот лизинг во иднина, зависно од дејноста на секој одделен државен орган, трошоците за нивна набавка и тековно одржување или користење на други решенија за обезбедување на возила за потребите на органите“, се наведува во Извештајот.
Ревизорот предупредува и дека во март 2021 година му истекол мандатот на еден од членовите на Државната комисија, од страна на Собранието и собраниските тела навремено не покренати постапки за избор и именување на член на Државната комисија, поради што во текот на 2022 година истата функционира со претседател и три члена.
„Имајќи предвид дека согласно член 167 од Законот за јавните набавки Државната комисија може да работи само доколку на седницата се присутни најмалку три члена и претседателот, кои одлучуваат со мнозинство од вкупниот број членови, наведената состојба со бројот на членови укажува на неможност од одржување на седници во случај на отсуство на еден од членовите на Државната комисија“, забележува ревизорот..