Државата како залог на алчни!
Мора да разбереме дека големи проблеми не ни се случуваат само нам. Проблемот е во тоа што ние со години наместо проблемите да ги решаваме на самиот почеток, често од инает или злонамера дозволуваме да се мултиплицираат. Со копитото на Букефал можеш да прегазиш само свои луѓе.
Во древнa Индија, една жена со години се молела пред богот Брахма за да ѝ даде големо богатство и моќ. По повеќе години слушнала еден глас од небото: „За да бидеш најбогата треба да отидеш кај црвената пештера“. Жената го зела детето со себе и веднаш тргнала кон пештерата. Што да види?! Внатре огромно богатство од злато и дијаманти. Таа веднаш почнала да полни сѐ што имала со себе.
По некое време, пак се слушнал глас од небото: „Побрзајте оти пештерата наскоро ќе се затвори“. Жената занесена продолжила да полни. Повторно гласот: „Внимание, пештерата почна да се затвора“. Но, алчната жена под еуфорија морала да зграпчи и едни блескави дијаманти. Но, таквио блесок веднаш ѝ се затемнил, кога видела дека детето ѝ останало внатре зад огромниот камен кој неповратно ја затворил пештерата!
Потребна е „дебалканизација“ на спорот со Бугарија
И кај нас страста за богатсво направи да ги загубиме најдобрите деца, кои насекаде се барани освен во својата татковина. Поради таква алчност, покриена со патриотизам, ни требаше 30 години да го решиме спорот со Грција. Толку долго животот на обичните луѓе беше третираше како отсуство на смрт. А сега гледаме дека ништо не е загубено!
По инерција, сега и едни сили го злоупотребуваат спорот со Бугарија, па во име на возвишеното тераат вода во воденицата на бугарските националисти!
Од логична гледна точка, спорот со Софија припаѓа на далечното минато. По таа логика, Србите би им забраниле на Хрватите, Бошњаците и на Црногорците нивните јазици да ги наречат како што самите сакаат. Слично би постапиле и Германците со Швајцарците и со Австријците. Британците со Ирците. Русите со Украинците. Чесите со Словаците. Итн.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков најави „дебалканизација“ на спорот, оти во Харвард зборот „балканизација“ се идентификувал со односи меѓу примитивни држави. Но, старомодните сфаќања доведоа до големи ново-модни проблеми. Некои директно задираат во идентитет на еден друг народ. Па затоа двајцата премиери се принудени внимателно да пристапуваат кон нив. Оттука, тактиката прашањата да се отворат од помалите накај поголемите е добра стратегија. Kако што вели премиерот Ковачевски: ,,Јaс и премиерот Петков сметаме дека процесот треба да се води инклузивно од надоле кон горе“ и дека „треба да градиме мостови, а не ѕидови“.
Тоа значи да се преговара за транспортот, за економијата, за културата, за безбедноста – полиња кои реално многу се порелевантни од наметнати старомодни прашања. Се очекува експертските тимови да создадат некакви видливи резултати до крајот на француското претседателство во јули годинава. А за историската комисија нема краен рок и таа ќе треба да продолжи да работи во текот на пристапниот процес. Со тоа, на некој начин, ќе се премостат прашањата што создаваат националистичка врева во двете општества, кои продолжуваат во има на „светлото“ минато да создадат темна иднина, за потоа да се давиме во плитки води.
Со испраќањето нота до ОН, преговорачите практично ја менуваат и преговарачката методологија во насока на спорните прашања да им пристапуваат поеднинечно. Факт е дека двајцата премиери внесоа нова енергија во билатералните односи и надеж дека спорот ќе биде решен.
За време на посетата на Петков во Скопје беше договорено нашата влада да испрати нота до ОН, во која се објаснува дека краткото име Северна Македонија не вклучува територијални претензии кон географската област Македонија која се наоѓа во Бугарија. Иако имаше критики поради тоа, зашто реално територијата пред ОН е дефинирана со Преспанскиот договор, мислам дека нема ништо штетно во тоа. Напротив, тоа кај двете јавноста ќе создава перцепција дека проблемите почнаа да се решваат и дека се потребни наредни чекори. Треба да разбереме дека и на сегашниот бугарски премиер не му е толку лесно, не толку пред бугарската опозиција, колку што пред самата негова коалиција.
Во однос на јазикот, на македонската страна ѝ оди во прилог тоа што во ОН веќе е евидентиран јазикот, а ако биде потребно нешто како за внатрешна потреба, не би требало да биде проблем некоја внатрешна клаузула или фуснота. Конструктивниот бугарски премиер Петков вешто проблемот како приоритет го фокусира кон тоа Бугарите да бидат вметнати во Уставот на државата. А во нашиот Устав веќе се наброени повеќе етнички заедници, па не бо требало да биде проблем и некои други заедници, вклучително и бугарската, хрватската, црногорската итн. Инсистирањето на реципроцитет во овој момент само може да го руши процесот, а веројатно понатаму секој проблем ќе треба да се реши во свое време. Секако дека со промените во школските учебници поимот „бугарска фашистичка окупација“ би требало да добие европски дух.
Многу е важно што сега многумина влијателни луѓе во Бугарија јавно излегуваат и кажуваат дека политиката на уцени, не само што ги одалечува уште повеќе овдешните народи, туку ја деградира Бугарија пред меѓународната јавност. Политиката на барање љубов со уцени и на сила е силување. За жал, минатата бугарска власт, со умот на еден евтин политичар, се нафати да сади тикви со ѓаволот. Така е кога еден будала ќе фрли голема карпа во бунар, потоа сто паметни да не можат да го извлечат.
За жал сега повеќето истражувања велат дека над 50% од Македонците во својот источен сосед гледаат како на непријателска земја. Тоа е многу штетно. Познатиот професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, вели дека не постои рационално објаснување за бугарското вето за отворањето пристапни преговори на Северна Македонија. Она за што Бугарија се расправа со Македонија е без преседан во меѓународните односи. Оттука и потребата за релаксација. Конференцијата на АУЕ-ФОН е стартирање во таа насока.
Оптимистички звучи изјавата на Петков: „Да ја оставиме Северна Македонија на патот кон Европа, а тоа е процес од околу 15 години и дека зачленувњето е долг процес на отворање и затворење цели 27 поглавја“.
Но, едни постапки, вклучително и тие во парламентот на државата, не одат на прилог на поддршката на позитивниот процес, туку на неговото рушење за дневно-пополитички потреби. Алчни луѓе се уште сакаат, газејќи по судбината на луѓето, да постигнат некои нивни лични агенди и интереси, иако мали им се шансите за да дојдат до нивни големи шанси. Не би требало да се дозволи нашите деца да ја имаат судбината на таа алчна жена од древна Индија, коja го „заборавила“ детето во пештерата.
Украина ни е од полза
Во моментот над Европа се вртат црни облаци. Шансите да се случи најлошото не се исклучува, но во најмала рака повеќе има шанси моќниците со ваква „опасна парада“ да претендираат поголемо светско факторизирање, да контролираат енергетски коридори, да ги решаваат сопстените замрзнати проблеми (запирањето НАТО да се прошири кон исток, Крим, Јужна Осетија, Абхазија итн.). Но, како среќа во некоја голема несреќа, тоа оди во полза на полесно решавање проблемите што ги има Македонија со Бугарија. При такви сериозни регионални безбедносни проблеми, моќниците не се баш индиферентни за да дозволат мали искри во соседството.
Исто така, мора да разбереме дека големи проблеми не ни се случуваат само нам. Проблемот е во тоа што ние со години наместо проблемите да ги решаваме на самиот почеток, често од инает или злонамера дозволуваме да се мултиплицираат. Со копитото на Букефал можеш да прегазиш само свои луѓе. Често мислиме дека само над нас небото се руши!? А и најсилните држави имаат големи проблеми, но имаат воспоставен проблем како да ги решаваат.
На пример, Кина сто години толерирала странска присутност на својата територија (Хонконг и Макао, па и Тајван). Велика Британија имаше повеќе од 80 години тешки проблеми за Северна Ирска (десетина илјади жртви само во Белфаст)! Франција уште има проблеми со Корзика, Шпанија со Каталонија и Баскија, Русија со Украина и со бројни околни држави од бившиот СССР. Дури и САД не знаат што да праваат со Порторико! Дури и во нашето соседство – Грција и Турција за Кипар, Србија и Косово, Хрватска и Словенија за Пиранскиот залив, Албанија и Грција за територијалното море, итн.
Треба да престанеме да бидеме робови на заробен ум, гледајќи назад кон минатото да ја прегазиме иднината напред. Понекогаш знаеме да се преправиме, па на луѓето како да им ги бркаме мувите, а реално им ги пуштаме осите. Недговорноста е опасно оружја за самоуништување. Мора да сфатиме дека таму кај што алчноста слетува, нормалното излетува. За лоши работи има илјади патишта, ама за добри работи има само еден пат. Тоа не е алчноста.