ДРЖАВАТА ИМА ДОВОЛНО РЕЗЕРВИ ОД НАФТА И НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ Снабдувањето е сигурно и од повеќе извори и од повеќе земји

Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам.

8

Државните резерви со нафта и деривати се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето. Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (МАКОРА) постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето, соопшти Министерството за енергетика и рударство.

Оттаму велат дека внимателно се следи состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот Исток.






-Доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството – велат од Министерството.

Државата, според Министерството за енергетика,  располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа: еуродизел – 138.877.053 литри, еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри, екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри и мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми

-Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата – велат оттаму..

Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ.

Од Министерството велат дека овие капацитети се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба. Со ваквиот систем на надзор и контрола се гарантира сигурноста на државните резерви и стабилноста на снабдувањето.

-Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци – велат од Министерството.

Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот.

Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност.

Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, државата има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји.

-Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати. На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето- велат од Министерството за енергетика.

Поврзани содржини