ДРЖАВАТА ГРАДИ ГАСОВОДИ, НО НЕМА ИМОТНИ ЛИСТОВИ ЗА НИВ Три магистрални гасоводи не работат поради незавршена експропријација
Ревизорите констатирале дека уште не е реализиран проектот за развивање на дистрибутивен систем на природен гас, а дури годинава е почната изградбата на гасоводот кон Грција за кој државата се задолжи со кредити.
Акционерското друштво НОМАГАС за најголем број од објектите со кои располага нема имотни листови бидејќи не може да ја заврши постапката за легализација на објектите, дел од магистралните гасоводи не се пуштени во употреба поради нерешени експропријации, а за дел од проектите има земено заеми, но сѐ уште нема реализација. Ова се дел од наодите утврдени во ревизијата на работењето на Друштвото во 2024 година.
Ревизијата утврдила дека трите магистрални гасоводи во вредност од 143 милиони евра кои се изградени во периодот од 2016 до 2024 година, не се пуштени во употреба поради нерешени имотно-правни работи при експропријација на земјиштето.
– Причините за ваквата состојба се нерешени имотно правни односи при експропријација на земјиштето и пролонгирања кои потекнуваат од роковите за одобрување на измени во тек на градба во минатиот период, кое во исто време влијае тие сѐ уште да не се ставени во употреба – велат ревизорите.
За најголем дел од објектите кои се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година, НОМАГАС не ја завршило постапката за легализација и не поседува имотни листови за нив.
Друштвото располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок станици, мерно-регулациони станици и чистачки станици сè уште не е утврден правниот статус За нив се водат постапки за легализација пред Министерството за транспорт и надлежните општини.
Во извештајот е нотирано дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективен гасовод со Грција, финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка. Договорот за заем изнесува 29,9 милиони евра, а инвестицискиот грант 12,4 милиони евра (9,9 милиони евра се инвестициски грант за финансирање на трошоци за работи и/или набавки, 2,5 милиони евра се грант за техничка помош за финансирање на трошоци за услуги и 50.000 евра се грант за финансирање на комуникација и видливост).
Во август 2025 година, Друштвото има добиено 6 милиони евра од инвестицискиот грант за финансирање на трошоци за работа, кои веднаш се префрлени на изведувачот со кој во мај 2025 година е склучен договор за изградба.
Дополнително, доделени се: грант за техничка помош од 500.000 евра, од кој искористени се околу 114.000 евра за извршени услуги и грант за комуникација и видливост од кој се искористени околу 40.000 евра, врз основа на склучен договор за деловна и техничка соработка.
Истакнати се состојбите кои произлегуваат од донесениот Закон за претворање на побарувањата по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во друштвото со што се укинува обврската за враќање на средства по основ на заем за изградба на магистралните гасоводи ЛОТ 2 и ЛОТ 5.
– Во овој дел ги истакнуваме и пресметаните трошоците за провизија за неповлечени средства од кредитот во висина од 2,47% на годишно нивно во вкупен износ од 6,7 милиони евра кои не требало да се капитализираат – наведуваат ревиозрите.
Ревизорите констатираат дека уште не е реализиран проектот за развивање на дистрибутивен систем на природен гас.
– Кон крајот на 2019 година од страна на Владата донесена е Одлука за започнување на постапка за доделување договор за воспоставување на Јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас, но таа е поништена во август 2024 година, поради што и натаму останува неизвесно определувањето на Оператор за дистрибуција на природен гас – велат ревизорите.
Друштвото поседува залихи – цевки во вредност од 98,3 милиони денари кои биле набавени за реализација на проект за изградба на мрежа за пренос на природен гас, што претставува последен преостанат дел за затворање на магистралниот гасовод во Градот Скопје, кој не се реализирал.
– Повеќе од 80% од залихите потекнуваат пред 2019 година и до периодот на вршење на ревизијата истите не се потрошени, со што се доведува во прашање потребата од нивната набавка, како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи – велат ревизорите.
Дополнителна состојба која неповолно може да влијае врз квалитетот и динамиката на одржувањето, проширувањето и поврзувањето на системот со гасоводните мрежи во соседните држави е што, до крајот на 2024 година НОМАГАС АД Скопје нема усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година.
Ревизорите се сомневаат и во износот на основната главнина на Друштвото при неговото основање од поранешните друштва НЕР и ГА-МА. Утврдено дека во трговските книги на НОМАГАС АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и е за 28,1 милиони евра помал во однос на извршената проценка. Оваа вредност е впишана во Централниот депозитар на хартии од вредност и во Централниот регистар.
„Во процесот на основање на НОМАГАС АД Скопје, меѓу другото донесен е Законот за решавање на долгогодишниот спор помеѓу Владата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, врз основа на кој е извршен откуп на една од двете акции во АД ГА-МА Скопје, со што ова друштво преминало во целосна државна сопственост. Трансакцијата е спроведена врз основа на претходно извршена Проценка од Бирото за судски вештачења со која вкупната вредност на капиталот на АД ГА-МА Скопје бил проценет од 37,4 милиони евра на 65,5 милиони евра. Со образложение дека проценката не била доставена до надлежните лица, таа сметководствено не е евидентирана во трговските книги на АД ГА-МА Скопје“, се наведува во извештајот.
НОМАГАС несоодветно ја применува формулата за пресметка на надоместокот за неутралност, како и начинот на распределба на надоместокот за неутралност на БОС согласно нивните активности. Со ревизијата е утврдено и дека при исплатата на надоместок за неутралност неосновано се вклучени две правни лица. Овие две правни лица се стекнуваат со статус БОС во март, односно септември 2024 година.
Според ревизорите, НОМАГАС АД Скопје има исплатено надоместок за неутралност во износ од 44,6 милиони денари, за период на порамнување 2023 година на шест БОС, иако согласно податоците добиени од друштвото во 2023 година.
НОМАГАС иако имал неплатени обврски во банка има орочениот депозит во вредност од 20 милиони денари, кој се преорочува автоматски на секои три месеци со фиксна каматна стапка од 0,30% годишно и по кој основ во 2024 година остварен е минимален приход од 65.000 денари годишно. За ова Одборот на директори не донел одлука, што не е во согласност со Статутот на друштвото, кој предвидува дека Одборот е тој кој носи одлуки за средства над 50.000 евра.
НОМАГАС АД Скопје има побарувања по даден краткорочен заем од 75 милиони денари даден на АД Пошта на Северна Македонија, кој согласно склучениот договор треба да биде вратен до 30 декември 2025 година, со плаќање на законска камата во случај на задоцнување.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби за начинот на евидентирање на нематеријални средства, примената на законот за јавните набавки, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите, распределбата на добивка за 2023 година.