ДРЖАВАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СТОИ ПОКРАЈ ОВИЕ СЕМЕЈСТВА Мицкоски потсети дека институциите имаат должност да обезбедат правда
Премиерот рече дека правдата не е прашање на политика. Таа е прашање на доверба во институциите. Кога трагедија од ваков размер ќе се случи, државата има обврска да покаже дека системот функционира, дека пропустите се утврдуваат и дека одговорноста се презема.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, нагласи дека покрај грижата за повредените и поддршката за семејствата, трагедијата во Кочани отвори и едно друго, подеднакво важно прашање – прашањето за одговорноста, истакнувајќи дека во едно демократско општество, трагедиите не смеат да останат без одговори и оти општеството има право да ја знае вистината.
– Семејствата имаат право да знаат како се случила трагедијата. А институциите имаат должност да обезбедат правда. Токму затоа, веднаш по трагедијата започна процес на институционално утврдување на фактите и на одговорноста. Овој процес мора да биде темелен, професионален и ослободен од било каков притисок. Во прашање се човечки животи, а во такви ситуации институциите мора да работат со највисоко ниво на сериозност и интегритет. Правдата не е прашање на политика. Таа е прашање на доверба во институциите. Кога трагедија од ваков размер ќе се случи, државата има обврска да покаже дека системот функционира, дека пропустите се утврдуваат и дека одговорноста се презема -рече Мицкоски.
Но, одговорноста, додаде премиерот, има и поширока димензија и дека трагедиите често откриваат слабости во системите.
– Тие покажуваат каде институциите мора да се подобрат, каде процедурите мора да се зајакнат и каде безбедносните стандарди мора да се подигнат на повисоко ниво. Затоа, покрај правните постапки, трагедијата во Кочани отвори и процес на институционално преиспитување. Државата има обврска да ја бара вистината и да ја обезбеди правдата. Тоа го должиме на жртвите. Тоа го должиме на нивните семејства. Но, тоа го должиме и на идните генерации. Затоа институциите ќе продолжат да работат на целосно утврдување на сите околности поврзани со трагедијата, со цел правдата да биде постигната, а довербата во институциите да биде зајакната. Само преку вистина, одговорност и институционално учење, едно општество може да стане посилно по трагедија – рече Мицкоски.
Тој кажа дека една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила.
– За семејствата, таа продолжува секој ден. Таа продолжува во празните столови на трпезата. Во тишината на домот. Во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа, од првиот ден, Владата донесе јасна одлука: државата нема да биде присутна само во моментот на трагедијата. Државата ќе биде присутна и во годините што следуваат. И затоа сакам денес јасно да кажам: државата ќе продолжи да стои покрај овие семејства. Затоа што зад секоја институционална одлука стои едно едноставно убедување: човечкото достоинство мора да биде центарот на секоја јавна политика – рече премиерот на Конференцијата што се одржува денеска во Скопје.
На конференцијата учествуваат високи државни претставници, меѓународни експерти и водечки медицински професионалци од регионот и Европа. Конференцијата завршува со презентација на министерот за здравство Азир Алиу за националните решенија, доделување благодарници на здравствените установи и официјално обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.