ДРЖАВАТА ЌЕ ПОТРОШИ 6,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, А ЌЕ СОБЕРЕ 5,8 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Владата го усвои предлог-буџетот за 2025 година
Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на 4 проценти, а инфлацијата на 2,2 отсто, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Владата денеска го усвои предлог-буџетот за 2025 година, со кој, како што информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се поставуваат темелите за стабилизација на јавните финансии и на економски раст.
Вкупните приходи во Буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари, (5,8 милијарди евра) што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година. Вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари, (6,5 милијарди евра) што е раст од 10 проценти во однос на буџетот за оваа година.
Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на 4 проценти, а инфлацијата на 2,2 отсто.
Буџетот за 2025 година содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.
– Креиравме буџет што треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари (823 милиони евра), што е раст од 13 проценти или шест милијарди денари во однос на ребалансот на буџетот. На тоа го темелиме развојот, а тоа се гледва и во фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот.Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека со предлог-буџетот се креирани политики со кои се поддржува животниот стандард. Така, за исплата на пензиите и за предвиденото зголемување од 2.500 денари се предвидени 105 милијарди денари или за 15 милијарди повеќе од оваа година. За исплата на плати се обезбедени 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок-дотации за зголемувањето на платите во образованието. За поддршка на ранливите категории се предвидени 14,5 милијарди денари или 500 милиони денари повеќе, а за здравствена заштита се обезбедени 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.
Министерката потенцира дека се намалуваат парите за непродуктивните трошења, како што се ставките за мебел и за возила.
Состојбата, посочи Димитриеска-Кочоска, сè уште наметнува да се штеди.
– Внимателно ќе постапуваме, за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности, за да испорачаат квалитетни услуги кон граѓаниет и бизнисот – рече министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.