ДРЖАВАТА ДА ГО СТИМУЛИРА ПЛАЌАЊЕТО ПРИДОНЕСИ ЗА ДА ИМА СТАБИЛЕН ПЕНЗИСКИ ФОНД Мемов убедува дека државата нема да дозволи да не се исплаќаат пензиите

Директорот на Фондот за ПИОМ појаснува дека трансферите од државата кон пензискиот фонд се зголемуваат секоја година, бидејќи се намалуваат приливите, а бројот на пензионери и пензиите се зголемува.

515

Не постои унифициран пензиски модел кој може да се преслика и секоја држава си прави сопствен. Нема држава во ЕУ која нема дефицит и сите имаат потреба за трансфери, освен скандинавските земји, но и тие не се класични пензиски фондови, туку инвестициски фондови, изјави директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.

Според него, најважно е законодавецот да ги стимулира работодавачите да плаќаат придонеси бидејќи се намалува соодносот работници-пензионери. Сега тој изнесува 1,64 вработен на еден пензионер, а во 2016 изнесувал 1,86. Од 2019 година континуирано се намалува.

Мемов вели дека пензии ќе има иако Фондот се соочува со проблеми и недостиг на средства.

– Граѓаните да бидат сигурни дека пензискиот систем никојпат не може да колабира во една држава, затоа што исплатата на пензиите ја гарантира државата, односно владата. Тоа е и содржано во Законот за ПИО. Така што граѓаните треба да бидат смирени и сигурни дека пензии ќе се исплаќаат во една држава, односно во Република Македонија сѐ додека постои државата – рече Мемов во гостување на ТВ Телма.

Тој додава дека трансферите од државата кон пензискиот фонд се зголемуваат секоја година, бидејќи се намалуваат приливите, а бројот на пензионери и пензии се зголемува.

– Граѓаните знаат дека за една и пол година, односно од септември 2024 до први април 2026 година пензиите се зголемени за 7.000 денари секој месец, номинално во вкупниот износ е повеќе за 36%. Просечната пензија за година и пол е покачена за скоро 40%, а минималната пензија е покачена за 68%, од 13.200 денари на 20.888 денари – објасни тој и додаде дека од септември повторно ќе се применува швајцарскиот модел на усогласување на пензиите.

Во однос на износот на трансферите Мемов рече дека за 2026 година тие се планирани на 62,8 милијарди денари, што е приближно една милијарда евра. Како што објасни, од нив околу 30 милијарди денари всушност се користат за исплата на покачените пензии во износ од 7.000, околу 13,7 милијарди денари за здравствено осигурување и 19,6 милијарди денари за транзициски трошоци кон пензиските друштва од вториот столб.

Мемов објасни и зошто пензискиот фонд го плаќа здравственото осигурување на пензионерите.

– Кога осигурениците, односно сите вработени, плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување кои се на висина од 18,8%, тие остваруваат право на социјална заптита, односно право на пензија. Преку месечното плаќање на здравствено осигурување граѓаните добиваат и здравствена заштита за тој месец. Законот не предвидува дека со плаќање придонеси на здравствено осигурување граѓаните ќе се стекнат со право на здравствено осигурување кога ќе се пензионираат. Така е дефинирано во законите. Е сега ние можеме да дискутираме за овие прашања. Може да се отворат во рамки на Министерството за здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади и да се дискутирааат овие состојби. Зошто од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се исплаќа здравствено осигурување на пензионерите, имајќи предвид дека Фондот на ПИО не е работодавач на пензионерите – вели Мемов.

Тој вели дека актуарското одделение во Фондот прави сериозни анализи и подготвува мерки кои би ги предложиле до Министерството за социјална политика демографија и млади и до Владата, но уште не се докрај дефинирани, откако Мисијата на ММФ предупреди дека треба да почне да се размислува за реформа на пензискиот систем.

Поврзани содржини