Државата да ги субвенционира платите, работодавците да не отпуштаат работници

Да, ваквите радикални мерки ќе чинат многу пари. Кој ќе го плати цехот? Државата, драги мои. Итно ќе се алоцираат буџетски средства предвидени за други намени. И така, на пример, не се прославивме многу во користењето на средствата за капитални инвестиции – еве можност државата да инвестира во здравјето на своите граѓани. Има ли од тоа покапитална инвестиција?

4,925

Слушам најави дека и во Македонија се подготвуваат итни мерки за поддршка на економијата, со цел да ја преживееме кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот. Ашколсун, време беше…

Се надевам дека ќе бидат предложени ефикасни и добро фокусирани мерки за поддршка на компаниите и на домаќинствата. При тоа, треба да се има предвид дека без сериозни мерки на поддршка на приватниот сектор, последиците од кризата ќе создадат драстична нееднаквост меѓу граѓаните во земјата – додека вработените во јавниот сектор ќе земаат плати (можеби намалени), вработените во приватниот сектор би можеле да се соочат со празни џебови и со отпуштања од работа.






А тоа не само што не е фер, туку ќе ги поткопа темелите на целото општество. Не сакаме тоа да ни се случи.

Не е случајно тоа што владата на Данска, на пример, одлучила да субвенционира три четвртини од месечната плата на вработените во приватниот сектор, а за возврат работодавците ветиле дека нема да отпуштаат работници поради загуби предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Тоа е само дел од сетот економски мерки за помош на приватниот сектор во таа земја. Предвидени се и даночни олеснувања и субвенции на банките за кредитирање на економијата.

Ние можеби не сме Данска, но сега така треба да се размислува и така мора да се постапи и кај нас. Мерките треба да бидат радикални, каква што е и ситуацијата. Голем дел од компаниите во приватниот сектор многу брзо ќе се соочат со проблеми со ликвидноста и со неможност да им исплаќаат плати на вработените. Мерките за поддршка на приватниот сектор што посредно би предизвикале зајакнување на финансиската кондиција на фирмите се добредојдени,  но тие нема да дадат брзи ефекти. А ситуацијата брзо се влошува, брзо ќе се соочиме со беспарица и со отпуштања.

Затоа се потребни мерки на директна помош на компаниите во приватниот сектор. Да, потребно е државно субвенционирање на платите во секоја компанија. За потпис на работодавецот дека нема да отпушта вработени. Ако државата во Данска може да субвенционира 75 отсто од платите, државата Македонија може да помогне барем со 50 отсто.

Потребни се и директни мерки за поддршка на населението. Многу луѓе зборуваат за неопходноста да се замрзнат цените на основните прехранбени артикли, на средствата за хигиена и на медицинските материјали. Јас мислам дека и тоа се наметнува како императив во вакви услови.

Да, сите овие мерки ќе чинат многу пари. Кој ќе го плати џехот? Државата, драги мои. Итно ќе се алоцираат буџетски средства предвидени за други намени. И така, на пример, не се прославивме многу во користењето на средствата за капитални инвестиции – еве можност државата да инвестира во здравјето на своите граѓани. Има ли од тоа покапитална инвестиција?

Конечно, државата може и да се заборчи, па да се раздолжи во некое подобро време. Имаме големо и непријатно искуство на задолжување и на арчење народни пари за непродуктивни трошења. Сега е време државата да им помогне на своите граѓани и да им обезбеди елементарна материјална и финансиска сигурност.

Кога ако не сега?

Поврзани содржини