ДРЖАВАТА 4 ГОДИНИ ИМ ДОЛЖИ НА НЕКОИ ЗЕМЈОДЕЛЦИ До Нова година треба да се исплатат заостанати 30 милиони евра за субвенции

Министерот за земјоделство вели дека поради сложените бирократски процедури 9.000 земјоделци не успеале да ги добијат субвенциите.

530

Министерството за земјоделство планира до крајот на годината да ги исплати сите заостанати субвенции на земјоделците, информира министерот Цветан Трипуновски.

Тој рече дека има земјоделци на кои државата им должи за субвенции од 2020 година.






– Сумата е огромна. Со ребалансот на буџетот се обезбедени 30 милиони евра со кои очекуваме заклучно со 2024 година да се исплатат сите субвенции – информира Трипуновски.

Тој додаде дека поради сложените бирократски процедури, 9.000 земјоделци не успеале да ги добијат субвенциите.

– Никаде во светот нема авансно исплаќање на субвенции како кај нас. Ние планираме да ги олесниме процедурите за аплицирање на земјоделците и редовно да ги исплаќаме субвенциите – рече Трипуновски.

Запрашан за тоа кога оризот ќе се откупува за стокови резерви рече дека тоа ќе се случи од наредната реколта.

– Оризот е влезен во стратешките култури, но е потребен посебен план за непречен откуп на оваа култура во стоковите резерви. Агенцијата за стокови резерви ќе треба да го изработи овој план за да нема проблеми. Очекувам од наредната реколта и оризот да почне да се откупува во стоковите резерви – рече тој.

Трипуновски информира дека е запрена постапката за откуп на 15.000 тони пченица во стоковите резерви со образложение дека поранешното раководство на Агенцијата за стокови резерви имало неповолни критериуми за домашната пченица.

– Во тек е промена на критериумите со што ќе се овозможи во стоковите резерви да влезе домашната пченица, а не да се обезбедуваат резерви со увозна пченица – рече Трипуновски.

Поврзани содржини