Друштво на мртви европски демократи
Политикантските зделки на мртвите демократи Борел, фон дер Лајен и Вархеи во Македонија се очигледни и во последните резултати од јавните анкети во државава. Барем засеага. Брзорастечкиот отпор кон ЕУ е резултат на домашните и меѓународните „лапсуси“ и погрешни политики во македонското интегрирање во Унијата, а особено толерирањето на простачкиот насилнички третман на македонската јавност и граѓанинот.
Не така одамна, а по повод „прославата“ на 30-годишнината од осамостојувањето, оваа власт ја препознав како Акционерско друштво на мртви политичари. Политичари сегашни но одамна – минати, passѐ. Само тие уште не го знаат тоа! Мислат дека нешто важно ни кажуваат и мислат дека ние ги слушаме. Не знаат дека немаме што да чуеме, одамна. Нивното АД „Друштво на мртви политичари“ ја упокои демократијата во оваа земја и смета дека господари со нас и со нашата иднина. Со блиската иднина можеби, но не и со историјата. Маргините на историјата се полни со ликови како нив. Некој, некогаш, веројатно ќе се сети и на нив, но со празно срце, или полно со омраза.
Но деновиве, откриваме дека нашево АД е само беден огранок, подружница, или филијала, на она поголемо и „порепрезентативно“ „Друштво на мртви европски демократи“ коешто ги влече позадинските конци во нашава куклена претстава. И диктира кога ќе се спушти завесата. Да, насетувавме низ претставава, но конечно осознавме што навистина е и каква е европската „демократија“. Таму се работи според „демократскиот“ и семеен принцип на „земи или остави“, на диктат и уцени што можете а што не можете да очекувате, што е реално а што не е итн. Дури, како некакви селски баби гатачки, мавтаат со предупредувачкиот прст и ни ја предвидуваат и иднината: не била светла ако не ги послушаме! Па зарем овие и вакви европејски покојни демократи се „децата“ на славниот Моне, „првиот граѓанин на Европа“? И што ли тој би рекол кога би ја видел оваа „европска“ булумента?
Трагично е нивното неразбирање на балканските состојби, на македонската историја (и историјата воопшто), на нивната веќе очигледна коруптивност и трка по задоволување на бизнис интересите. Но уште потрагично е нивното целосно дезавуирање на поимот демократија и сето она што тој претставува: човекови слободи, право на избор, право на идентитет, култура, образование… Тие дури и во евроинтегративните процеси и проширувањето на Европската Унија гледаат како на „зделка“ (Борел)! И има ли во таа „зделка“ профит за двете страни, како што е вообичаено, или тој се дели само на поединците во „семејството“? Ако пак едната страна се откаже од „зделката“, таа, велат тие, се откажува од својата – иднина?! Зарем вакви зделкаџии (ќе) ни ја определуват иднината? Да, следи одговорот: па сами си го баравме, тоа ни е стратешка определба! Што, да нѐ купуваат и продаваат како тестенина, со замрзната цена според бугарскиот ценовник?
Интересно е што главниот купи-продај менаџер кој денес тргува со сѐ, па и со идентитет, култура, иднина, но и граници, е истиот оној кој во 2017 година, на митингот на единството во Барцелона, врескал дека „не ни требаат нови граници“. Ама денес, само неколку години подоцна, ене го во Охрид како инсистира токму на спротивното! Со наше ко-покровителство – па нека е и „само“ на организациско ниво – во тој процес на менување на границите на Балканот! А ако утре – не дај боже – дојдеме и ние на ред по таа точка на европската агенда, како ќе се (о)правдаме? Како со прелетот на НАТО авиони за бомбардирање на Србија во 1999 година?
Одамна е очигледно, дури и во последните години на Ангела Меркел како ретка светла точка, дека тоа што се случува во Брисел не е политика, уште помалку интеграциска, туку е само едно полупрофесионално сметководствено биро кое штанца купопродажни зделки. Денес на ред се Србија и Косово, ние сме на стенд бај. А во тој тип „брисељачки договори“ има сѐ друго освен – демократија. Затоа, впрочем, се ставени таму и оние Бореловци.
Но, нашиве „мудреци“ ќе речат дека тоа е судбината на малите народи: да бидат купувани и продавани, да им се нудат „зделки“ на највисоко државно рамниште, а тие да не смеат ни да писнат. Но бидејќи се за тоа добро платени, нив тоа им е нормално. Впрочем, и тие се производ на таков тип зделки, само на посиромашно, локално ниво!
Но политиката одамна не е – односно не би требало да биде – т.н. „power struggle“ или борба за доминација на еден над друг, а најмалку (барем во едно „среќно семејство“ како ЕУ) треба да подразбира кој како ќе профитира, кога и колку. Но оваа европска збирштина на мртви демократи и лоши сметководители тоа не го разбира. Тие го разбираат само јазикот на силата, уцената, притисокот, интересите и – „зделките“. Но тоа е мртва политика, онаа од времето по Втората светска војна и Студената војна. Затоа политиката денес, во „постидеолошкото“ време, умните ја гледаат како расправа за културниот идентитет и признавањето, еднакво како и за животната средина, човековите права, миграциите и безбедноста и др., вели проф. Кристина Босвел. Каде е таа политика сега во постапките на Борел, „мадам“ фон дер Лајен, оној Мишел кој ни се колнеше на верност до гроба…? Или „политиката“ за овие потомоци на Макијавели денес е целосно ослободена од вредностите како морал, етика, одговорност, култура, воспитување…?
Токму таквиот ли сој европски мртви демократи – сосе оној „абразивен“ Вархеи како „силна“ поддршка (sic!) – здружен со нивната филијала на македонски мртви политичари успева денес да се соживее со рехабилитираните некогашни силеџиско-тоталитаристички гласови на Бугарија и тоа да ни го претставуваат како демократски дијалог? А со тие гласови и оној на рециклираниот живковист кој денес глуми демократ во претседателската фотелја на источниот ни сосед? Таквата ковчегарска „политика“ можеби им доликува на некогашните советски сателити на Балканот, но никако на слободоумна Европа во третата деценија на 21-от век. Ниту пак на антифашистичка Македонија.
Зашто, политиката на вакви „зделки“ секогаш има два краја, а вообичаено превладува полошиот. Како што впрочем се покажува дека – како уште една во низата – и европската зделка со Бугарија како членка на ЕУ е катастрофална, како впрочем и цела низа слични зделки кај нас, меѓу нив, како последна, онаа прескапо платена вувузелска „невладина“ и „медиумска“ зделка.
Политикантските зделки на мртвите демократи Борел, фон дер Лајен и Вархеи во Македонија се очигледни и во последните резултати од јавните анкети во државава. Барем засеага. Брзорастечкиот отпор кон ЕУ е резултат на домашните и меѓународните „лапсуси“ и погрешни политики во македонското интегрирање во Унијата, а особено толерирањето на простачкиот насилнички третман на македонската јавност и граѓанинот. Тоа што некои локални шушумиги се обидуваат тој факт да го преформулираат во рапидно приклонување на македонскиот граѓанин кон Русија, е ноторна глупост. И е посебна „зделка“. Но, мртвите демократи од Брисел и нивната филијала во Македонија може да веруваат во што сакаат, но тоа се две различни, неповрзани нешта.
Како и во многу други европски земји, и овде ставот на јавноста кон Руската агресија е различен, со блага тенденција за pro отколку contra. И за тоа, повторно, се виновни ЕУ званичниците и нивните „зделки“ со една друга голема сила. Но кај нас, односот кон Русија секогаш бил, а веројатно и ќе биде, резултат на рускиот чист став кон македонското национално прашање vis a vis бугарскиот. Но, незнајковци како Борел и компанија не умеат, и немаат капацитет, тие нешта да ги поврзат и, по потреба, искористат. Затоа и велам дека нивната кусогледа, недемократска и во основа насилничка „политика“ кон Македонија е незрела, мртвородена. А особено нивната поддршка на со години демонстрираните деспотизам и автократија во највисоките врвови на македонската политика/држава. И таа европска зомби политика не може да остане без последици.
Извор: Теодосиевски уметност