Другарчиња, која нација ќе ја спасувате вие – таа што самите не је признавате и името не смеете да ѝ го изговорите?!
Како што предвидов пред помалку од две недели, навистина постоело сценарио за опстанок на ДУИ и на СДСМ на власт и по поразот на изборите. Клучна за сценариото е идејата за формирање т.н. влада на национален спас. Ја обелодени Бујар Османи. Немало кој на другарчињата да им каже дека пак прават сметка без крчмар…
Претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, јавно го обелодени сценариото за спречување на мирниот трансфер на власта после изборите на 8 мај и за блокирање на процесот на формирање нова политичка влада.
Централната идеја на сценариото е уставните измени за внесување на Бугарите да се донесат веднаш по изборите, а потоа да се формира т.н. влада на национален спас.
На 25 март, значи пред помалку од две недели, на ова место, во мојата колумна под наслов „И по Таче – Таче“, напишав дека во СДСМ се ложат на тезата дека после победата, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да состави политичка влада. Па странците ќе притиснеле да се стокмела широка коалиција, односно концентрациона влада, која ќе ги донела уставните промени и ќе го продолжела „патот кон ЕУ“. И затоа Димитар Ковачевски по поразот на 8 мај нема да даде оставка, туку ќе чека ДУИ и странците да му направат таква влада и да го повикаат во неа.
Како измеќар.
Како и до сега.
Што би рекле Али Ахмети, Ковачевски, Пендаровски …
Која нација треба да се спасува со таа влада?
Македонската?
Таа којашто со уставните промени треба да биде дополнително осакатена?
Таа што за Бугарите, но и за ДУИ и за СДСМ, постои само од 1945 година?
Да бидеме реални. Таа нивна т.н. влада за национален спас е замислена како влада за спасување на СДСМ и на ДУИ.
Таа е појас за спасување на бродоломците од изборниот „Титаник“.
Со неа губитниците треба да останат на власт и после поразот на 8 мај.
За среќа, народот одамна ги чита овие манипуланти ко селски буквар. И колку повеќе тие ги заплашуваат со вакви сценарија – па дури и јавно ги лиферуваат! – толку повеќе избирачите ќе се мотивираат што помасовно да излезат на гласање, за да спречат фалсификување на нивната изборна волја.
Ете затоа, ова е сметка без крчмар.
Многу пореална е процената на претседателскиот кандидат на албанската опозиција, Арбен Таравари, кој бара уставните промени да се донесат во рок од шест месеци после изборите.
Тоа секако нема да се случи по секоја цена – бездруго не по принципот „земи или остави“! – бидејќи вака предложените уставни промени за внесување на Бугарите во Уставот се лоши. Но, со добра волја на сите страни, со малку повеќе креативност и со многу повеќе разбирање на нужноста да се гарантира историскиот континуитет и посебноста на македонскиот народ како основен конституент на македонската држава, за шест месеци навистина може да се дојде до прифатливо решение, кое ќе ги заштити македонските национални интереси.
Не може без тоа. Тоа нека биде јасно.
ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победничката партија на овие избори и нејзината согласност најмалку во следните четири години ќе биде неопходна за каква било промена на уставот. Нема друга македонска партија, освен СДСМ, која прифаќа вакви уставни промени под бугарски диктат. И затоа, никаква „џентлменска спогодба“, каква што наводно постои меѓу албанската опозиција и ДУИ, не може да има какво било значење без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и на другите партии од македонскиот блок.
А македонската (политичка) нација можеби навистина и треба да се спасува.
Би рекол дека и евроинтеграцискиот процес во Македонија треба да се спасува, или, подобро речено, да се обнови со нова енергија и со нови идеи.
Но, не со овие „спасители“, аман.
Тие се обични фејкери.
Тие ги спасуваат само своите кариери. Со сите принадлежности…
Меѓу нив има и такви кои ја спасуваат само својата кожа.
Која веќе им е претесна.