Другар Ковачевски, повелете, јавноста чека да се огласите за чествувањето на Ванчо Михајлов

Провокацијата во Битола е нешто што не може да се премолчи, а молкот да не се разбере како одобрување.

15,182

Веројатно пи-ар стратезите на Илинденска бб се убедени дека успеале да го спасат премиерот Димитар Ковачевски од новата бугарска провокација, овој пат на македонска почва, кај нас во Битола. Неговиот бугарски колега Кирил Петков и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска го промовираа ликот на фашистичкиот квислинг Ванчо Михајлов во нов софиски бенчмарк во разбирањето на таканаречената заедничка историја.

Сфативме, бил смислен „безбеден протокол“ за пречекот на бугарската делегација во Битола. Владата ќе изјави дека никој од македонската влада не учествувал во организацијата за отворање на клубот при бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во градот на конзулите и ниту, пак, бил поканет да присуствува на свеченоста. Нашиот министер Бујар Османи ќе каже дека свеченоста ја организирала амбасадата на Република Бугарија. Македонскиот дел од циркусот ќе биде учеството на наша државна делегација на чело со Османи во презентација на далноводот Битола – Елбасан. Непријатната должност официјално да каже збор-два за бугарската провокација овој пат му е отстапена на битолскиот градоначалник Тони Коњановски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Па и тој одлучи да се огласи од безбедната дистанца што ја нуди социјалната мрежа Фејсбук.






За жал, трикот го разбраа сите. Овој пат премиерот Ковачевски нема да може успешно да се „одбрани“ со молчење. Неговата пи-ар служба, ако работи како што треба, би требало час поскоро да го извести дека на социјалните мрежи засилено се шири перцепцијата дека тој буквално се крие од јавноста и дека избегнува да влезе во каква било материјална расправа за македонско-бугарските односи. Таа воздржаност „пие вода“ кога станува збор за преговорите меѓу Скопје и Софија, кои не се дојдени до фазата во која ќе се наѕира заемно прифатливо решение, кога премиерот ќе биде тој што ќе биде должен јавно да го соопшти решението (како што вети), а потоа и да ни го „продава“. Но, животот носи непредвидливи ситуации, како оваа во Битола, во кои молкот се смета за чин на непристојност, па дури и на ароганција.

Ги советувам пи-ар советниците на премиерот, кого сè уште никој не го обвинува дека е непристоен и арогантен, да го известат за уште една важна работа – во македонската јавност постои цврст консензус дека настанот во Битола беше провокација.

Зашто, како што пишува и професорот Денко Малески во својата колумна во Плусинфо, премиерот Петков и бугарската делегација требаше да дојдат во Македонија не за чествување на еден неспорен соработник на Хитлер, туку заради извинување и помирување за она што се случи во Македонија во текот на Втората светска војна. „Националните аспирации на бугарската држава не ги оправдуваат нејзините постапки направени во текот на војната, како на пример погромот врз Евреите или стрелањето на младинците од Ваташа. Извинување за таквите постапки е патот кој води кон помирување“, вели Малески и категорично додава дека место за ревизија на историјата нема – да се биде соработник на Хитлер беше и останува злодело.

Јас ја разбирам идејата на Ковачевски да остане колку што е можно настрана од темите што ги трујат односите меѓу двете земји и двата народа. Но, овој пат, за жал, тоа не е можно. Славењето на Ванчо Михајлов, како што правилно ќе забележат Малески и многу други, сепак е еден обид за неприфатлива и за нас навредлива ревизија на историјата. Антифашизмот е темелот врз кој е изградена македонската држава. Освен тоа, инспиратори и организатори на оваа провокација овој пат не се некакви локални анонимуси. Не, името на најпознатиот фашистички квислинг во Македонија го чествуваше бугарска државна делегација предводена од премиерот Петков. А домаќин на делегацијата беше единствениот македонски политичар за кој со сигурност знаеме дека нема никакви скрупули кога е во прашање сè што доаѓа од бугарска страна како уцена и провокација – министерот Бујар Османи.

Едноставно, ова е нешто што не може да се премолчи, а молкот да не се разбере како одобрување.

Затоа, јавно го повикувам премиерот Димитар Ковачевски да се огласи во врска со настанот во Битола. Мене, а верувам дека и на сите во Македонија, ни е важно да слушнеме што мисли нашиот премиер за заедничката историја и за улогата на фашистичкиот квислинг Ванчо Михајлов. Ова е важно и поради фактот што клубот во Битола не е прва, туку втора по ред институција на Бугарите во Македонија која е именувана со името на Михајлов (Радко). Тоа укажува дека Бугарите во Македонија, за кои утре Ковачевски можеби ќе бара место во македонскиот Устав, го доживуваат фашистичкиот квислинг за свој идол. И дека можеби ревизијата на историјата поврзана со него и со Втората светска војна ќе биде материјалот со кој бугарското малцинство во Македонија има намера да го ѕида мостот на соработка, мостот за кој на свеченоста проговори и премиерот Петков.

Има збор другарот Ковачевски. Го молам да повели на говорницата.

 

Поврзани содржини