ДРОНОВИ И НАД ВОЕНАТА БАЗА КАДЕ СЕ ЧУВААТ БЕЛГИСКИТЕ ЛОВЦИ, А МОЖЕБИ И АМЕРИКАНСКИТЕ НУКЛЕАРКИ Бриселскиот аеродром затворен 2 пати во иста вечер

Бриселскиот меѓународен аеродром „Зевентем“ првично беше затворен за сообраќај нешто пред 20 часот, откако во воздушниот простор над аеродромот беа забележани три дрона. По нешто повеќе од еден час, околу 21, сообраќајот од аеродромот беше возобновен, но тој беше повторно прекинат нешто пред 22 часот.

222

Бриселскиот меѓународен аеродром „Зевентем“ синоќа по вторпат беше затворен повеќе од час и половина поради забележан нов дрон, само неполн час откако водушниот сообраќај беше возобновен по речиси едночасовен прекин.

„Зевентем“ првично беше затворен за сообраќај нешто пред 20 часот, откако во воздушниот простор над аеродромот беа забележани три дрона. По нешто повеќе од еден час, околу 21, сообраќајот од аеродромот беше возобновен, но тој беше повторно прекинат нешто пред 22 часот.






Портпарол на авиокомпанијата „Бриселс Ерлајнс“, Нико Кардоне изјави дека биле откажани 16 летови од Брисел предвидени за синоќа.

– Тие летови нема да бидат реализирани вечерва – рече синоќа Кардоне.

Тој информира дека осум синоќешни летови кон Брисел биле преанасочени кон белгиските аеродроми „Остенде-Бриж“ и „Шарлероа-Брисел Југ“ или во Ајндховен во Холандија.

– Ситуацијата е предизвикувачка за сите на аеродромот. Сакаме да се грижиме најдобро што може за нашите патници, но малку можеме да направиме. Мораме да почекаме додека аеродромот повторно не биде отворен целосно, пред да можеме да ги продолжиме нашите операции – додаде Кардоне.

Белгискиот јавен радиодифузен сервис информира дека за сообраќај бил затворен и аеродромот во Лиеж, исто така поради регистриран дрон во неговиот воздушен простор. Авионите што требало да слетаат на овој аеродром биле пренасочени кон Мастрихт или Келн.

Според белгиската Контрола на воздушниот сообраќај, засега нема докази дека постои некаква поврзаност меѓу дроновите регистрирани над аеродормите во Брисел и во Лиеж.

По овие инциденти белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтан побарал од премиерот Барт де Вевер веднаш да го свика Советот за национална безбедност.

ВРТ јави и дека претходно вчера дронови биле регистрирани и над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Флорен“.

Според полициски извори, утрото околу 6.30 часот граѓани пријавиле дека забележале шест дрона над воздухопловната база „Клајне-Брогел“.

Оваа база, во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје, е во состојба на состојба на зголемена борбена готовност откако над неа беа забележани дронови три ноќи по ред, од петокот, до неделата.

Во оваа база се стационирани белгиските ловци Ф-16, а од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.

Изминатиов период дронови беа регистрирани и над уште три белгиски бази.

Потеклото на овие дронови останува мистерија и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази, за да може да ги потврди овие претпоставки.

 

Поврзани содржини