ДРОГА ИМА НА СЕКОЈ ЌОШ Годишно се фаќаат по околу 850 дилери, а колку ли дилаат слободно?

Од почетокот на оперативната акција „Безбеден град“ од октомври минатата година, па сѐ до крајот на март годинава лишени се од слобода повеќе од 100 криминалци, лица барани со потерници и наредби, нарко-дилери и други сторители на кривични дела, велат од МВР. Поранешниот министер Павле Трајанов сепак вели дека демонстрацијата на сила што се спроведува во борбата со нарко-бизнисот дава резултати само на краток рок.

1,417

Марихуана, кокаин, таблети екстази, амфетамин, хероин… Ова се дел од опојните дроги кои Министерството за внатрешни работи секојдневно ги запленува од дилерите, а како што велат од МВР за Плусинфо, оперативната акција „Безбеден град“ значително ја подобрува статистиката овие наркотици да бидат тргнати од улиците.

Неодамна пишувавме дека не треба да ве чуди ако некогаш се случи полициско возило со вклучено ротационо светло да ве претекне и да ви го попречи патот, а од него да излезат неколкумина припадници на специјалната единица „Тигар“, кои ќе ви тропнат на прозорецот и ќе ви побараат документи за лична идентификација.






Од МВР објаснија дека припадниците на единицата „Тигар“ се вклучени во оперативни работи како дел од акцијата „Безбеден град“ во која учествуваат сите организациски единици на Бирото за јавна безбедност.

Од Министерството за внатрешни работи нѐ информираа дека оваа оперативна акција дава одлични резултати во справувањето со нелегалната трговија на дрога на целата територија на земјата.

– Во однос на податоците од тековната година, во периодот од јануари до 20 април откриени се 234 кривични дела, за што кривично се пријавени вкупно 272 сторители. По вид на кривични дела, 203 се „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, 26 „овозможување на употреба наркотични дроги“ и пет кривични дела по член 95-в од Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции – велат од МВР.

фото: МВР

 

Охрабрувачки статистики, но дали е тоа сѐ?

Од МВР додаваат дека во овој период се запленети 129 килограми марихуана, 1 килограм и 561,9 грама кокаин, таблети екстази вкупно 3.494 парчиња, 6 килограми и 551,21 грам од дрогата амфетамин, 143 семки канабис, како и 118 стебла канабис.

Во однос на податоците за цела 2021 година откриени се 701 кривични дела, за што кривично се пријавени вкупно 840 сторители. По вид на кривични дела, 600 се „неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ со 728 сторители, 101 „овозможување на употреба наркотични дроги“ со вкупно 112 сторители.

Во однос на податоците за цела 2022 година откриени се 749 кривични дела, за што кривично се пријавени вкупно 862 сторители. По вид на кривични дела, 643 се „неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ со 747 сторители, 97 „овозможување на употреба наркотични дроги“ со вкупно 101 сторител.

Притоа во 2021 е запленет кокаин од 604 грама, а во 2022 полицијата запленила 2.723,6 грама. Во 2021 биле запленети 1.869 килограми марихуана, а следната година таа се зголемила за вкупно 2.723,6 грама. Пад во наведените години е забележан при заплената на екстази или 1.586 во 2021 и 349 во 2022 година. Кога станува збор за стеблата канабис во 2021 биле запленети 2.302 парчиња, а пак во 2022 бројката бележи значителен раст или вкупно 20.373 парчиња. За разлика од оваа година преклани биле запленети 6,053 грама хероин, а пак лани 2,3 килограми.

Фото: МВР

 

– Акцијата „Безбеден град“ дава одлични резултати, што се гледа и од статистиките. Само во првите два месеца од 2023 година во однос на првите два месеца во 2022 година имаме намалување за 31,55% на вкупниот криминалитет. За 67,24% е намалено делото „тешка кражба“, а за 70,83% на „разбојништво“ во однос на истиот период лани. Од отпочнување на оперативната акција „Безбеден град“ од октомври минатата година, па сѐ до крајот на март лишени се од слобода повеќе од сто криминалци, лица барани со потерници и наредби, нарко-дилери и други сторители на кривични дела – ни одговорија претходно од МВР.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во една изјава рече дека „Безбеден град“ е опсежна оперативна активност, насочена кон криминалните структури, со цел да спречат закани, уцени, продажба на наркотици, оружје и слично. Тој додаде дека акцијата „Безбеден град“ дава одлични резултати засега и дека со оваа активност ќе се продолжи и во наредниот период.

Демонстрација на сила, но со резултат на краток рок

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, за Плусинфо ја коментираше оперативната акција „Безбеден град“, а според него демонстрацијата на сила што се спроведува дава резултати на краток рок во борбата со нарко-бизнисот.

– Овие упади што полицијата ги прави по ресторани, кафулиња, сопира автомобили по улиците, тоа не е специфична акција која ќе го намали криминалитетот или ќе постигне некакви посебни резултати. Кога службите имаат недостиг на оперативни информации, се ангажираат посебните специјални единици. Тоа е недостиг на оперативна поставеност на службите, Мислам, може и така, но според мене тоа е систем кој не е соодветен за ова време – вели Трајанов.

Тој посочува дека додека бил министер за внатрешни работи не го практикувал ваквото делување, бидејќи ваквата акција е за некои посложени и потешки времиња.

– Потребно е припадниците на полицијата да работат повеќе оперативно, да се откриваат каналите преку кои се одвива нарко-бизнисот, да се соработува со странските служби, како американската ДЕА, како и другите кои исто така имаат интерес во спречувањето на шверцот со опојни дроги. Ова што се случува во моментов, според мене, се знаци на немоќ, недостиг на оперативни информации, па ајде нека упаѓаат специјалците во објекти вооружени до заби, или ве стопираат на улица и не знаете што се случува и зошто сте сопрени. Јас лично тоа не го поддржувам – вели Трајанов.

Екс-министерот додава дека ваквиот начин на дејствување не е работа на полицијата, бидејќи тие треба да дејствуваат незабележливо и така би имале поголем успех, зашто смета дека манифестацијата на сила не дава подобри резултати, особено во сузбивањето на нарко-бизнисот.

КАКВИ КАЗНИ ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ?

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори или член 215 од Кривичниот законик предвидува максимална казна од десет години.
(1) Тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.
(2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години.
(3) Ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(4) Тој што неовластено прави, набавува, посредува или дава на употреба опрема, материјал или супстанции за кои знае дека се наменети за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(5) Сторителот од став 2, со исклучок на организаторот, кој ќе го открие делото или ќе придонесе за неговото откривање, ќе се ослободи од казна.
(6) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
Според Член 216 од Кривичниот законик сторителите на делото овозможување на употреба наркотични дроги може да добијат казна затвор од максимални десет години.
(1) Тој што наведува друг на уживање наркотични дроги и прекурзори или му дава наркотични дроги и психотропни супстанции да ги ужива тој или друго лице или ќе стави на располагање простории заради уживање наркотични дроги, психотропни супстанции или на друг начин му овозможува на друг да ужива наркотични дроги, психотропни супстанции, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Ако делото од став 1 е сторено спрема малолетник или спрема повеќе лица или предизвикало особено тешки последици, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

„ТИГРИТЕ“ СЕ НОВИТЕ „АЛФИ“?! Не се чудете ако полициско возило ви го попречи патот како на филм – за наше добро е!

Поврзани содржини