Драстичен пад – за една четвртина помалку запишани средношколци во десет години, за 13 отсто помалку основци и студенти
Опаѓање на бројот на запишани ученици има и во основното образование, за 13.1 проценти во учебната 2018/2019 година во споредба со 2008/2009 година.
Во основното, средното и во високото образование од година на година се намалува бројот на влезната генерација како и на вкупниот број ученици односно студенти. Најголем пад од 23.6 проценти во период од десет години е забележан кај бројот на запишани средношколци.
Во публикацијата „Северна Македонија во бројки, 2020“ која неодамна ја објави Државниот завод за статистика, во податоците за образованието во земјава (стр. 21) е наведено дека во учебната 2008/2009 година имало 94 387 средношколци, по пет години (2013/2014) бројот паднал на 86 936, а по следните пет години продолжило намалувањето, така што во 2018/2019 година биле запишани 72 123 средношколци.
Во истиот период, пак, има зголемување на бројот на наставници и на средни училишта. Пред 11 години имало 6720 наставници во средното образование, а 7597 во 2018/2019 година. Средни училишта во 2008/2009 се евидентирани 114, 119 – пет години подоцна и 138 во 2018/2019 година.
Опаѓање на бројот на запишани ученици има и во основното образование, за 13.1 проценти во учебната 2018/2019 година во споредба со 2008/2009 година.