ДРАСТИЧЕН ПАД НА АКЦИИТЕ НА АВТОКОМПАНИИТЕ ПО ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП Меѓу најголемите губитници е „Тесла“ на Маск

1,282

Цените на акциите на Волстрит европските и азиските берзи нагло паднаа по најавата на  американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.

Први настрадаа акциите на автомобилските компании. Акциите на американскиот автомобилски гигант  „Џенерал моторс“ паднаа за 8% , а на „Крајслер“, т.е. неговата матична „Стелантис“ и на „Форд“, со коишто се тргува во САД, паднаа за по околу 4,5%.






Акциите на компанијата „Тесла“ на милијардерот Илон Маск загубија околу 5,5% од својата вредност.

Акциите на  „Тојота“, „Хонда“ и „Хјундаи“ паднаа за околу 3%.

Покрај автомобилскиот сектор, под притисок се и технолошките компании. Од 11 клучни сектори на индексот S&P 500, шест забележаа пад, при што најголеми загуби претрпеа комуникацискиот и технолошкиот сектор, со пад од над 2%. Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови Nvidia, кои паднаа за речиси 6%.

Американскиот индекс  Dow Jones падна за 0,31% на 42.454 поени, S&P 500 падна за 1,12% на 5.712 поени, додека Nasdaq индексот потона за дури 2,04% на 17.899 поени.

Во минус и европските берзи Нервозата ја почувствува и Европа. Поголемиот дел од европските берзи исто така забележаа пад на акциите, при што франкфуртски DAX падна за 1,17% на 22.839 поени, додека париски CAC падна за 0,96% на 8.030 поени. Лондонски FTSE беше единствениот кој забележа благ пораст од 0,30%, на 8689 поени.

Аналитичарите на Barclays ја намалија својата целна цена за индексот S&P 500 од 6.600 на 5.900 поени вчера поради трговската војна. По вчерашниот пад, S&P 500 бележи пад од околу 3% од година до денес, додека индексот Nasdaq изгуби повеќе од 7%.
„На пазарите не им се допаѓа оваа несигурност околу тарифите, особено кога таа ја погодува автомобилската индустрија. Овие мерки би можеле да имаат сериозно негативно влијание врз економијата“, предупредува Џејми Кокс, партнер во Фајненшл Груп Харис.

Сега се очекува одговор од земјите кои најмногу ќе бидат погодени од новите царини, како и дополнителни потези од Вашингтон.

 

Поврзани содржини