ДРАМАТИЧЕН БРОЈ ЗАБОЛЕНИ ТРУДНИЦИ Лекарите апелираат вакцина да се прими по третиот месец од бременоста
„Да бев навистина свесен колку ризикувам, не би се двоумел да се вакцинирам“, тоа е нешто што често го слушаме и што ни кажува дека ни недостасува знаење за сериозноста на овој вирус, вели анестезиологот, Рино Калабрезе.
Бројот на бремени жени во Италија, кои завршиле во болница поради компликации со ковид-19, драматично се зголемува, како и бројот на предвремено родени бебиња, поради што италијанските виролози и гинеколози апелираат до сите трудници, веднаш да се вакцинираат.
Две од три бремени жени во Италија одбиваат да се вакцинираат од страв од последиците од вакцинацијата. Низ целата земја, одделенијата за ковид, како и одделите за интензивна нега во болниците, се полни со бремени жени кои не се вакцинирани, што често има сериозни последици за децата кои се родени со царски рез порано отколку што треба.
По апелот на италијанските гинеколози, италијанското Министерство за здравство издаде документ во кој јасно се објаснува дека вакцинацијата нема контраиндикации во бременоста, но тоа не ги спречило многу лекари да ги советуваат своите пациенти да не се вакцинираат, бидејќи тие не сакаат да имаат никаква одговорност доколку некој од нив има несакани ефекти.
Драматична ситуација се запишува на југот на земјата, каде што само во Катанија, во болницата Сан Марко, има четири трудници кои се борат за живот, пишува италијанскиот весник Република.
Анџела, која има 37 години, имала респираторна инсуфициенција, па лекарите морале да ја породат во 36 недела од бременоста. Таа не била вакцинирана, ниту нејзиниот сопруг и мислат дека се заразиле на вечера заедно со пријателите.
Анестезиологот од таа болница, Рино Калабрезе, вели дека пациентите кои можат да зборуваат велат дека им е ужасно жал зошто не се вакцинирале.
-„Да бев навистина свесен колку ризикувам, не би се двоумел да се вакцинирам“, тоа е нешто што често го слушаме и што ни кажува дека ни недостасува знаење за сериозноста на овој вирус, без оглед на тоа што сè има Италија и целиот свет поминато. Ние овде во болницата немаме време за филозофии, ние се соочуваме со реални ситуации кои повеќе од кога било сведочат колку жените ги ризикуваат и сопствените и животите на своите неродени деца – вели Калабрезе.
Италијанскиот инфектолог Масимо Басети, кому постојано му се закануваат некои членови од движењето против вакцинација, за медиумите изјави дека порано кај бремените жени имало страв од вакцини против грип или голема кашлица и дека оваа недоверба не е нова за докторите.
Тој вели дека вакцината против ковид треба да се прими од третиот месец од бременоста и дека треба да обезбеди двојна заштита, за мајката и за детето на кое мајката му пренесува антитела.
– Дури 97% од луѓето што се вакцинираат не завршуваат на интензивна нега – рече Басети, велејќи дека му е крајно жал што дошло до тоа политиката да се занимава со наука и со медицина.
Гинеколошкиот примариус на болницата Палермо, Гаспаре Куцинела, за медиумите сподели случај на бремена жена која завршила во болница неколку дена откако бил примен нејзиниот сопруг, додека оставила две деца, исто така позитивни на вирусот, во автомобил паркиран пред болницата, бидејќи не знаела кому да му ги остави.
Кога болничкиот персонал дознал дека децата се во автомобилот, им обезбедиле соба за да бидат со нивната мајка.
– Има премногу неинформирани и необразовани луѓе, премногу исплашени и убедени антиваксери, чие однесување го загрозува здравјето на другите жени кои мора итно да бидат примени во болница поради други здравствени проблеми, а кои мора да ги одложиме – рече д-р Куцинела.
– Се чувствувам виновен, бидејќи не бев доволно гласен и знам дека многу колеги не советуваа вакцинација на бремени жени, бидејќи тие не сакаа да бидат одговорни доколку навистина се случи нешто. Сепак, сведоци сме на голем број бремени жени кои секојдневно завршуваат во болница заразени со ковид и не е доволно Министерството да издаде документ во кој ќе напише дека вакцинацијата нема контраиндикации. Неопходно е да се биде појасен во комуникацијата и да се објасни дека вакцинацијата е итна и неопходна – апелира Антонио Кантера, претседател на Италијанското здружение на гинеколози.
Направете го тоа за себе и за бебето што го очекувате, додава тој. Се работи за два човечки живота кои се хранат и дишат кислород. Ако мајката има сериозен респираторен проблем и бебето ќе ги трпи последиците. Ковид е голем ризик за бремени жени. По третиот месец, сите бремени жени треба да се вакцинираат, како и доилките кои планираат да забременат, советува Антонио Кантера.
– Болниците се полни бидејќи илјадници бремени жени доаѓаат во одделенијата. Многумина се на респиратор, а се раѓаат деца предвреме и тешко е да се обезбеди сета потребна помош – вели тој.
Професорот Франческо Риамонди од Одделот за интензивна нега за неонатологија во Неапол на поликлиниката Федерико II, изјави дека не постои култура на вакцинација на југот на Италија. Жените не се вакцинираат поради страв, незнаење, погрешни верувања и многу други причини, а на тој начин преземаат страшни ризици, бидејќи ако се разболат, ќе мора да бидат предвреме породени.
– Од почетокот на пандемијата имаме 480 вакви случаи. Имаме бебе кое се роди во 35 недела и тежеше 2,6 килограми и за жал ќе порасне без мајка. Пред некој ден изгубивме бебе кое се роди во 24 недела и тежеше еден килограм. Невозможно е да се преживее во таква ситуација. Ужасно сум лут, се бориме со времето – вели Риамонди.
Градоначалничката на Торино, Кјара Апендино, која е во осмиот месец од бременоста, сподели фотографија од нејзиниот ултразвук на социјалните мрежи, бидејќи сака да испрати позитивна порака до сите бремени жени за тоа дека треба да се вакцинираат.
– Ова е Андреа и кога ќе се роди ќе имам антитела, бидејќи решив да се вакцинирам во шестиот месец од бременоста. Две дози, без симптоми. Заштитете се себе си и оние мали суштества што растат во вас – напиша градоначалничката, која потсети и на трагичниот случај на дваесет и осумгодишна мајка, која почина од ковид неколку дена по породувањето.