ДРАМАТИЧЕН АПЕЛ ОД ГРАДОНАЧАНИКОТ НА РАДОВИШ Да се спречи затворање на рудниците Бучим и Боров Дол и масовни отпуштања!
Ги повикувам Владата и менаџментот на рудникот Боров Дол и рудникот Бучим под итно да стапат во меѓусебна комуникација и да се обидат да најдат решение за сите проблеми кои што се ставени на маса – рече градоначаникот Ацо Ристов.
До мене стигаат неофицијални информации дека, пред сè поради енергетската и финансиската криза, се случуваат некакви превирања во рудниците Бучим и Боров Дол за кои што ние немаме никакви официјални информации – рече вчера Ацо Ристов, градоначалник на општина Радовиш во настап пред граѓаните по повод празникот Успение на пресвета Богородица, меѓудругото патронен празник на рударите.
– Би сакал да ги повикам Владата и менаџментот на рудникот Боров Дол и рудникот Бучим под итно да стапат во меѓусебна комуникација и да се обидат да најдат решение за сите проблеми кои што се ставени на маса. Знам дека ова е многу тежок период за сите компании, знам дека тежок период е за сите влади, меѓутоа за Радовиш една од основната дејности е рударството. И Радовиш без рударството и без функција на овие два рудника би се нашол во многу тешка положба – рече градоначаникот Ристов.
Тој апелираше до менаџментот на рудниците сериозно да ги разгледаат сите можности и опции, меѓутоа најважната опција да бидат згрижени сите вработени, да не се размислува воопшто за било какви отпуштања во периодот пред нас.
– Затоа апелирам, да се седне под итно да се изнајде решение, дали ќе биде тоа во вид на субвенција на електрична енергија, дали ќе бидат во вид на други поволности кои што владата мора да ги овозможи за да може рудникот да остане да работи, да се направи под итно – рече Ристов.
Тој рече дека Општината и тој како градоначаник се спремни да се заложат во рамктие на своите надлежности и ингеренции да помогнат во комуникации и врски со Владата за да се изнајдат соодветни решенија.
– Засега никој не се обратил, никој не побарал никаква помош. Се надевам дека овие вакви неофицијални информации нема да се случат, затоа што тоа ние нема да го дозволиме. Прашање дали и колку сме моќни локално да не го дозволиме. Меѓутоа апелирам дека има начини, има методи кои што би ги примениле во случај и да треба да се бориме за правата на работниците – рече градоначалникот на Радовиш.