ДРАМАТА ВО КАБУЛ ПОНИЖУВАЊЕ ЗА БАЈДЕН Ќе воскресне ли пак меѓународниот тероризам?
Настаните во Авганистан деновиве ќе имаат долготрајни последици врз американската надворешна политика. Многумина сега посетуваат на позната максима на Хенри Кисинџер: „Единствената полоша работа од тоа да бидете американски непријател е да бидете американски пријател“. Ужасните слики од Кабул го потврдуваат тоа.
Никој не очекуваше таков брз колапс на авганистанските безбедносни сили и на владата. Во НАТО има незадоволство поради неуспехот да се постигнат подобри резултати, по толку години ангажман во Авганистан, призна Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Алијансата.
Поради враќањето на талибанците на власт во Авганистан, постои закана од меѓународен тероризам, изјави тој, додавајќи дека Алијансата „мора да биде будна за да остане во првите редови на борбата против тероризмот “.
Кабул како Сајгон
Паничното повлекување на Американците и на нивните сојузници од Кабул многумина го споредуваат со повлекувањето на американските трупи од Виетнам и со сцените од Сајгон на 30 април 1975 година. Би-Би-Си потсети на познатата антологиска фотографија на Хулберт ван Ес, кој сними луѓе што се обидуваат да влезат во американски хеликоптер на покривот на американска амбасада во Сајгон, на крајот на Виетнамската војна.
Сличноста со сцените од Кабул е неверојатна. „Ова е Сајгон за Бајден“, твитна Елис Стефаник, републикански претставник во американскиот Конгрес.

Сепак, прашање е дали може да се повлече паралела меѓу двата настана. Војната во Виетнам траеше 20 години. Долго траеше и американската интервенција во Авганистан. Како и во Кабул, заземањето на Сајгон дојде многу побрзо отколку што очекуваа САД. Од друга страна, факт е и тоа дека падот на Кабул дојде по најавата на Американците дека ќе се повлечат од Авганистан, додека Сајгон падна две години откако американските сили беа повлечени од Виетнам.
Рејтингот на Бајден се урниса
Властите во Вашингтон добро знаеја дека талибанците можат да ја преземат контролата врз Авганистан, но не замислуваа дека тоа ќе се случи толку брзо, призна советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливан.
Американскиот претседател ја презеде целосната одговорност за она што се случува во Авганистан и за одлуките донесени од американската влада. Претседателот презема одговорност не само за одлуката за повлекување на американските војници од Авганистан, туку и за „целиот хаос што настана за време на евакуацијата“, како и за сето „крвопролевање што се случува во моментов во Авганистан“, објасни советникот.

Не е случајно што рејтингот на Џо Бајден, според анкетата на Ројтерс, падна на рекордно ниско ниво од 46 отсто, откако радикалните талибанци го презедоа Авганистан. Ова е најниската оценка за работата на Бајден за целиот период од неговиот досегашен мандат како шеф на државата. За само една недела, рејтингот на претседателот се намали за 7 отсто, што е исто така рекорден пад.
Чие сценарио е ова?
Но, поважно од тоа е дали САД, знаеја, или друи и му кумуваа на пресевртот. Настаните во земјата навистина беа чудни и луѓето се прашуваат – чие сценарио е ова?
По повлекувањето на поголемиот дел од западниот воен контингент од Авганистан, талибанците започнаа голема операција за да ја добијат контролата врз земјата. Борците од движењето влегоа во Кабул на 15 август без борба и во рок од неколку часа воспоставија целосна контрола над авганистанскиот главен град. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави дека поднесува оставка за да спречи крвопролевање и ја напушти земјата. Влијателните локални политичари Хамид Карзаи, Абдула Абдула и Гулбедин Хекматијар формираа Координативен совет за мирен трансфер на власта од претходната влада на талибанците. Западните земји ги евакуираа своите граѓани и вработените во амбасадите од земјата.
Дали ваквиот развој на настаните навистина беше изненадување за Бајден? Што со најавата од Вашингтон дека американската администрација би можела да соработува со новата влада на талибанците?
И воен и психолошки пораз
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот наследник Џо Бајден ги понижи САД повеќе од кој било друг претседател во историјата, поради катастрофата што сега се случува во Авганистан.
– Ова е ужасно време за нашата земја. Мислам дека нашата земја не беше толку понижена сите овие години. Не знам како да го наречам, воен пораз или психолошки пораз – вели Трамп.

Тој ја спореди ситуацијата со иранската заложничка криза во Техеран во 1979 година и праша дали одлуките на сегашната американска администрација ќе предизвикаат полош развој на настаните.
Буш предупреди да нема повлекување
Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, кој ја започна „војната против тероризмот“ во Авганистан по нападите врз САД на 11 септември 2001 година, ја повика американската влада да го забрза процесот на давање помош на авганистанските бегалци откако талибанците ја презедоа власта.
– Владата на САД има законска надлежност да ја намали бирократијата за бегалците за време на итни хуманитарни кризи. И ние имаме одговорност и ресурси да им обезбедиме безбеден премин сега, без бирократско одложување – се наведува во заедничкото соопштение на Буш и na поранешната прва дама Лора.
„Единствената полоша работа од тоа да бидете американски непријател е да бидете американски пријател“
Буш го критикуваше повлекувањето на американските и НАТО војниците од Авганистан. Тој минатиот месец рече дека повлекувањето на американските војници ќе има огромни последици за Авганистан, особено за жените и за девојките. Се чини дека неговото предупредување не било случајно.
Како и да е, настаните во Авганистан деновиве ќе имаат подолготрајни последици врз американската надворешна политика. Многумина сега посетуваат на позната максима на Хенри Кисинџер: „Единствената полоша работа од тоа да бидете американски непријател е да бидете американски пријател“. Ужасните слики од Кабул го потврдуваат тоа.