ДРАМА НАД БАРСЕЛОНА Авион принудно слета поради закана од бомба
Шпанската полиција потврди дека спроведува истрага за случајот, но сè уште не дава дополнителни детали.
Авионот на „Туркиш ерлајнс“ кој леташе од Истанбул до Барселона денеска беше принуден да слета итно на аеродромот Барселона-Ел Прат поради закана со бомба, соопшти шпанскиот оператор на аеродроми АЕНА.
Како што е наведено, и покрај инцидентот, аеродромот продолжи со редовна работа.
Шпанската полиција потврди дека спроведува истрага за случајот, но сè уште не дава дополнителни детали.
Според Ројтерс и турските медиуми, авионот бил пренасочен како мерка на претпазливост и извршил итно слетување откако еден од патниците отворил ви-фи мрежа, а во името на мрежата ставил закана со бомба.
Инцидентот се случил во моментот кога авионот се приближувал кон Барселона, потврди директорот за комуникации на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун.
По безбедното слетување, шпанските власти почнаа стандардни безбедносни процедури. На видеоснимки споделени на социјалните мрежи се гледа како полицијата со кучиња трагачи ги проверува куферите на патниците.
„Туркиш ерлајнс“ објави дека сите протоколи се спроведуваат во согласност со меѓународните правила за безбедност на воздушниот сообраќај и дека постапката е сè уште во тек.