📽️ ДРАМА НА ЛЕТ ЗА ЊУЈОРК Патничка се породи во авион, контролорот предложи име за бебето
Патничка се породила за време на лет од Јамајка кон Њујорк, а контролорот на летање предложил бебето да го добие името „Кенеди“.
Вистинска драма се одвивала на лет кон Њујорк, кога патничка се породила додека авионот бил во воздух. Од авиокомпанијата „Caribbean Airlines“ потврдија дека породувањето се случило за време на меѓународен лет од Јамајка до Њујорк во саботата, на 4 април.
Летот BW005, со авион „Boeing 737 MAX 8“, полетал од Меѓународниот аеродром Норман Манли во Јамајка и требало да слета на Меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди по приближно четиричасовен лет.
Додека авионот се приближувал до дестинацијата, пилотите преку радио ја известиле контролата на летање за неочекуван медицински итен случај. Во аудиоснимката се слуша како пилотот јавува дека бремена патничка започнала да се породува.
По координирањето на итната медицинска интервенција, еден од контролорите прашал: „Дали е веќе надвор?“ Откако пилотите потврдиле дека жената родила машко бебе во авионот, контролорот на летање понудил и предлог за името.
– Добро, кажете ѝ да го крсти Кенеди – рекол контролорот, алудирајќи на аеродромот на кој требало да слета авионот.
Авиокомпанијата го потврдила медицинскиот инцидент во официјално соопштение, наведувајќи дека мајката и новороденчето веднаш биле преземени од медицински персонал по слетувањето и дека добиваат соодветна грижа. Компанијата го пофалила професионализмот и смирената реакција на екипажот, нагласувајќи дека за време на летот не била прогласена вонредна состојба.
Кога станува збор за правилата за патување за бремени жени, оваа авиокомпанија дозволува патување без медицинско одобрение до крајот на 32-та недела од бременоста, иако препорачува носење лекарска потврда со очекуваниот датум на породување.
Помеѓу 32-та и 35-та недела задолжително е медицинско одобрение, додека по 35-та недела на бремените жени повеќе не им е дозволено да летаат. Во овој случај авиокомпанијата не навела точно во која недела од бременоста била патничката. Иако породувањата во лет не се чести, тие сепак повремено се случуваат.