ДОЗВОЛЕНО ЛИ Е ДА СЕ НАПАЃААТ НУКЛЕАРНИ ЦЕНТРАЛИ? Еве што предвидува Женевската конвенција од 1949 година
За жал, практичните ефекти на член 56 од 1-виот дополнителен протокол на Женевската конвенција се ограничени. Бидејќи, обично останува прашање на толкување дали овие околности постојат во конкретниот случај или не. Правилата велат дека нуклеарните централи можат да бидат нападнати само ако нема човечки жртви и ако се од воено-стратешко значење поврзано со исклучување на струјата. Но, кој вели дека ова така ќе биде протолкувано од некој меѓународен суд во иднина? Покрај тоа, Русија има постојано место во Советот за безбедност на ОН со право на вето и би можела да спречи какви било можни санкции на Обединетите нации поради кршење на меѓународното право.
Што вели меѓународното право за можниот напад врз нуклеарната централа во Запорожје? Има ли закон кој ова директно се спречува? Женевската конвенција од 1949 година и нејзините подоцнежни протоколи го уредуваат водењето на вооружени конфликти и имаат за цел да ги ограничат нивните ефекти. Членот 56 од првиот дополнителен протокол од 1977 година зборува за „Заштита на инсталации и објекти што содржат опасни сили“. Покрај браните и насипите, се потенцираат и нуклеарните централи, анализира ДојчеВеле.
Може, ако нема човечки жртви?
Еден од пасусите во текстот покажува и дека нуклеарните централи не се секогаш табу за напаѓање, туку само „доколку таквиот напад може да ослободи опасни сили и со тоа да предизвика сериозни жртви меѓу цивилното население“. Ова значи дека ако не се очекуваат сериозни жртви меѓу цивилното население од евентуален напад, таков напад може да биде дозволен под одредени околности.
Како што е конкретизирано во Женевската конвенција, се работи за еден од принципите на меѓународното хуманитарно право: правење разлика меѓу воени и цивилни цели. Да се напаѓаат смеат само воени цели и тоа само под одредени услови. Цивилното население мора во секој случај да биде заштитено.

Може, кога е клучно да се прекине струјата?
Ставот 2 регулира за кои околности може да се работи, имено кога електраните „обезбедуваат електрична енергија за редовна, значајна и непосредна поддршка на воени дејства и кога таквиот напад е единственото практично средство за прекинување на оваа поддршка“. Меѓу другото, Запорожје создава струја, а Киев ја обвини Москва дека гранатира токму за да ја исклучи струјата и така да добие предност во војната.
Кој ќе каже дали централата е легитимна воена цел?
Но, оваа точка е секако прашање на толкување. Во време на војна речиси секоја нуклеарна централа би обезбедила енергија и за цивилните потрошувачи и за воените операции. Тешко е да се разграничи. Дали централата обезбедува „значајна“ поддршка за воените дејства? Така, оценката за тоа дали централата е легитимна воена цел или не, е работа на проценка на оној кој тоа го оценува.
Се поставува прашањето дали воената полза е поголема од ризиците? Какви последици би имале моите постапки врз цивилното население? И, зарем не постојат помалку сериозни средства за електраната да се направи неупотреблива? На пример, уништување на далноводи, за централата да не може да испорачува струја, но и за да нема зрачење. Меѓутоа, прекинот во напојувањето може да има сериозни последици и за населението, особено во зима.
Сѐ останува на толкувањето
За жал, практичните ефекти на член 56 од 1-виот дополнителен протокол на Женевската конвенција се ограничени. Бидејќи, обично останува прашање на толкување дали овие околности постојат во конкретниот случај или не.
Покрај тоа, Русија има постојано место во Советот за безбедност на ОН со право на вето и би можела да спречи какви било можни санкции на Обединетите нации поради кршење на меѓународното право.