ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ПАЛЧО, МАНЕВ, КЕШИШЕВ И ЗА ВИДЕВСКИ Таткото на Вања е ослободен од обвинението
Судијата Ивица Стефановски ги упати семејствата на убиените на граѓанска постапка за побарување отштета.
Доживотен затвор им определи судот на обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Љупчо Палевски Палчо за грабнувањето и за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
Таткотото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинението. Судските трошоци за него паѓаат на товар на државата.

Судот ги упати семејствата на убиените на граѓанска постапка за побарување отштета.
Судијата Ивица Стефановски денеска во Кривичниот суд ја изрече пресудата за едно од најтешките злосторства во Македонија – за грабнувањата и за ладнокрвната ликвидација на велешанецот Панче Жежовски (74) и на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје, извршени на 22 ноември и на 27 ноември 2023 година.
За свирепите злосторства им се судеше на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо од Скопје и на неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видевски од Велес и на Влатко Кешишев од Штип. Петтообвинет во предметот беше Александар Ѓорчевски, кому му се судеше за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.

Јавното обвинителство побара четворицата да останат во притвор до правосилност на пресудата.
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска побара и Ѓорчевски да остане во куќен притвор до правосилност на пресудата.
– Немерливи се штетните последици, затоа мерката притвор да остане. Постои опасност за повторување на кривичното дело – рече Крстевска Јосифовска.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска дополнително зеде збор и побара да се укине притворот за Ѓорчевски.
– Имајќи ја предвид денеска донесената ослободителна пресуда, бараме притворот за Александар Ѓорчевски да се укине – рече Стојковиќ Димитровска.
Судот одлучи да им се продолжи притворот на четворицата осудени, а на Ѓорчевски му го укина куќниот притвор и побара веднаш да биде пуштен на слобода.
Обвинетите имаат право на жалба, која не го одложува извршувањето на решението на судот.
Во завршните зборови застапничките на обвинението, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска побараа судот да им пресуди доживотен затвор на четворицата обвинети за убиствата, а на таткото да му пресуди соодветна затворска казна.
Бранителите на обвинетите побараа ослободителни пресуди за своите клиенти.
По речиси 40 рочишта, судењето кое траеше 10 месеци стигна до крајот. Процесот беше исклучително тежок, на моменти многу емотивен, особено кога се изнесуваа деталите од злосторството врз детето Вања. Нејзините последни часови од животот беа детално опишувани и од обвинителките и од убијците.
Обвинителката Стојковиќ Димитровска рече дека не е нужно да се утврди мотивот за да се докаже нечија вина.
– Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен затвор. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. За сите четворица ЈО бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира – рече обвинителката.
