ДОЖДОТ ПОМОГНА ВО ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ ВО МАРИОВО Двата полициски хеликоптера и два „ер трактора“ се неисправни
Оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме - рече Ангелов.
Попладневниот дожд помогна во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово, информира директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Денеска на територијата на државата беа регистрирани 13 пожари на отворено, од кои 9 беа активни.
– Рано утрово таму се упатени 100 припадници на армијата, 25 припадници на полициските специјалци „тигри“, 30 вработени во Национални шуми, како и два тима од Дирекцијата за заштита и спасување со повеќе од 25 лица. На терен се и прилепските пожарникари, а помош има и од пожарните од околните градови – рече Ангелов.
Тој истакна дека во моментов функционален е само еден „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека другите два авиони на ДЗС, како и двата полициски хеликоптери се неисправни.
– Околу 10 часот во гаснењето на пожарот помогна и еден „Ер трактор“ на ДЗС. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме – рече Ангелов.
Поголеми пожари има и во Дервен, селото Смолане, Општина Долнени и во скопско Катланово. Пожарот кај Катланово е активен од вчера бидејќи е на терен тежок за гасење, но Ангелов вели дека нема закана и опасност да бидат загрозени куќи.