ДОЖД ВО ПОВЕЌЕ ДЕЛОВИ ОД ЗЕМЈАТА Претпладне ќе врне на запад, попладне и на исток
Дожд во западните и источните делови, облачно и во Скопје, температури до 14 степени.
Метеоролозите најавуваат променливо облачно време утре, со врнежи од дожд во повеќе делови од земјата. Претпладне дожд се очекува во западните делови, додека попладне услови за врнежи ќе има и во источните региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од 2 степени во Маврово до 6 степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 степени во Маврово до 14 степени Целзиусови во Гевгелија.
Во Скопје времето ќе биде облачно, со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец, а температурите ќе се движат од 4 до 11 степени.
Во сабота се очекува променливо облачно време со подолги сончеви периоди, а во западните делови ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец. Минималните температури ќе бидат од 2 до 8 степени, а максималните од 10 до 16 степени.
Според прогнозата на УХМР, во недела претпладне ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, а попладне умерено облачно. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Температурите ќе се движат од 3 до 7 степени наутро, а преку ден од 8 до 13 степени.