ДОВОЛНО ГИ МОЛЕВМЕ ЛУЃЕТО ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ Српскиот епидемиолог Кон вели дека воведувањето карантин стои како опција
Луѓето се доволно свесни дека можно е да воведеме карантин. Тоа е една од опциите. Но, јас сум оптимист и сметам дека вирусот ќе ја загуби силата во текот на следната година, изјави утрово српскиот епидемиолог Предраг Кон.
Српскиот епидемиолог и член на Кризниот штаб, д-р Предраг Кон, во утринската програма на Курир ТВ изјави дека забележал промена во однесувањето на граѓаните во поглед на почитувањето на епидемиолошките мерки кои се на сила во Србија. Како што посочува, луѓето најверојатно сфатиле дека здравствените експерти доволно ги молеле потенцијалните пациенти да се вакцинираат против коронавирусот.
– Сите се фрустрирани поради непочитувањето на мерките за заштита од ковид-19. Имаме измена во однесувањето на граѓаните која е забележлива и во бројките на новозаразени пациенти. Доволно ги молевме луѓето да се вакцинираат – изјави Кон.
Тој е оптимист и верува дека следната година драстично ќе се намали опасноста од заразување.
– Луѓето се доволно свесни дека можно е да воведеме карантин. Тоа е една од опциите. Но, јас сум оптимист и сметам дека вирусот ќе ја загуби силата во текот на следната година. Сепак, зимата е период кога респираторните инфекции се најчести, а преносот е најлесен особено поради тоа што луѓето сè почесто се групираат во затворен простор. И минатата година беше така. Животот живее во организмот на човекот – изјави Кон.
Епидемиологот истакна дека ситуацијата може да се прогнозира само за следните две недели.
– По две недели не можете да знаете дали вирусот ќе се менува и како луѓето ќе се однесуваат без разлика на тоа како ќе ги регулираме мерките. Од тоа директно зависи како ќе се одвива ситуацијата во иднина. Секаде растат бројките. Ние во Србија сега имаме мало намалување, но цели седум недели просекот беше околу 6.000 новозаразени дневно. Мерките служат само за да се забави таквиот тек – објасни Кон.