ДОВЕРБАТА ВО ЗАПАДОТ ДОЖИВЕА КАТАСТРОФА Шефот на европската дипломатија за состојбата во Авганистан
Тој пред европратениците од комисијата кажа дека американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Американците и западните сојузници не отишле да „градат општествено уредување“, туку да го уништат тероризмот во Авганистан.
Шефот на европската дипломатија Joсeп Борел денеска изјави дека тоа што се случува во Авганистан е катастрофа за авганистанскиот народ, за европските вредности, довербата во Западот и за развојот на меѓународните односи.
Пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Борел откри дека западните разузнавачки служби не веруваа дека е можен толку брз колапс на режимот во Кабул, наведувајќи дека „ниту талибанците не веруваа во тоа“.
-Западот во Авганистан веќе 20 години водеше битка против исламскиот тероризам од страна на Ал Каеда и талибанците, но, исто така, направи напори да изгради модерна држава од таа земја, рече Борел.
Тој пред европратениците од комисијата кажа дека американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Американците и западните сојузници не отишле да „градат општествено уредување“, туку да го уништат тероризмот во Авганистан.
– Па, добро, дали е тоа убедливо – праша Борел, нагласувајќи дека Западот се обиде да изгради општество во таа земја во кое ќе се почитуваат законот, човековите права и слободи, особено на жените и малцинствата.
Тој додаде дека е факт дека Западот постигна успех во борбата против светскиот тероризам, но тоа не го стори во вториот дел од својата мисија.
Борел кажа дека падот на авганистанската прозападна влада, и покрај огромната долгогодишна помош, е неверојатен, додавајќи дека Американците во Авганистан трошеле по 300 милиони долари дневно во изминатите 20 години.
– Сега, додека ЕУ и САД се консултираат, а се водат преговори за создавање авганистанска влада на национално единство, талибанците очигледно имаат за цел да воведат исламски калифат – рече Борел.
Тој ги повтори проценките на ЕУ дека голем број авганистански бегалци ќе се преселат во Европа и рече дека Унијата мора да стори сé за да им обезбеди хуманитарна помош на оние што остануваат во Авганистан.
– ЕУ мора да започне преговори со оние што се на власт во Кабул – рече Борел, нагласувајќи дека тоа не значи дека режимот на талибанците ќе биде меѓународно признат, но дека контактите со нив се неопходни за да се обезбеди хуманитарна помош и да се спречи ширењето на исламскиот тероризам и трговија со дрога.
Шефот на европската дипломатија посочи на фактот дека Кина, Русија, Иран, Пакистан и Индија сега ќе имаат поголемо влијание од Западот во Авганистан и Централна Азија, додавајќи дека таму се јавува најкомплексната, опасна геополитичка ситуација, која може да се спореди само со анексијата на Крим од страна на Русија.