„Достоинството“ на трите „тоги“
Можеме да посочиме уште на десетици слични примери/професии, но на „тогите“ повторно ќе им биде малку. Тие би самите да си одредуваат колку вредат. На пример универзитетот се потсмева на фамозната Шангајска листа како и лисицата на грозјето. Кисело било, а листата „самоколонизирачка“! Ние сме единствени во светот што така ја гледаме. Си играат мајтап и со т.н. „импакт фактор“ зашто, по ѓаволите, зарем постои некој во светот кој би можел подобро да ги оценува од нив самите?!
Речиси ништо не можете да им забележите на зборовите на една јавна обвинителка дека „достоинството на јавниот обвинител започнува со неговата плата“! Иако, на пример, тој исказ некако, можеби ненамерно, арогантно ги потценува сите други професии во државава. Но, кога идентично, или многу слично, настапуваат и видни претставници од другите „тоги“, тогаш се прашувате: добро, а што со останатите професии? Имаат ли другите професии/граѓани некакво достоинство или такво нешто ним не им е потребно, или имаат можеби плати што го штитат тоа достоинство а обвинителите тоа го немаат, или на другите не им е многу важно достоинството… итн.? Многу прашања, малку одговори. Барем добри.
На пример, во едната од „тогите“, онаа „белата“, кадарот си заминуваше од државата бидејќи платите им беа ниски, да не речам мизерни. Не баш на сите односно главно на „помошниот“ медицински кадар кој според работите што ги врши баш и не е толку помошен, но беше беспомошен во однос на покачувањето на платите.
Што ќе рече дека и таму главен проблем беа/се платите, но и неколку други – би рекол клучни! – нешта. На пример пензионирањето, па затоа некој се сети да го промовира концептот на „доживотна работа“ односно непензионирање заради дефицитарниот високопрофесионален кадар. Можеби заради тоа некако престанаа да ги спомнуваат платите?
Но затоа третата „тога“, онаа универзитетската премачкана со сите бои, има цел пакет што постојано го поттура под нос на власта и граѓаните, а сепак меѓу главните точки во нивната „идеја“ за автономија на универзитетот и прогресивно и слободно општество приоритет има финансиската независност. Поточно – парите, а со нив и платите. Или, со речникот на обвинителката – нивното достоинство (како што, главно, тие го гледаат!). А автономијата го подразбира и тоа: тие самите да си ги одредуваат платите. Државата, поточно граѓаните, само да им даваат онолку колку што тие ќе помислат. Дури не треба ни да бараат туку сето тоа да оди според некаков автоматизам: нивна мисла, наша реакција. Парична!
Тој што ќе рече дека достоинството не е баш така лесно мерливо „нешто“, ќе биде во право. Никој не говори за возвратниот однос односно за „услугите“ што ги пружа на граѓаните. И квалитетот, и оценката на граѓаните за истите… Но, меѓу другото, достоинството се мери и според зборовите односно според изречениот „критериум“ за негова мерливост. Во случајов – според платите: колку повисоки плати, толку поголемо достоинство! Ех, да, кога тоа навистина би било баш така, нели.
Но кај нас, за жал, е така односно најчесто достоинството на граѓанинот така го третира и државата. Претходната власт на дело покажа дека за неа најважна и најдостоинствена категорија беа државните функционери кои си ги покачија платите за цели 75%! Иако, во континуитет односно сукцесивно и платите (читај: достоинството) на „трите тоги“ беа/се во постојан раст независно од сите други категории вработени граѓани. И за тоа секогаш се наоѓа(ло) „достоинствено“ образложение.
Поточно, и порано но и денес тие спаѓаат меѓу „најдостоинствените“ во државата односно со највисоки плати. Ако ги споредите со некои други професии, барем двојно се „подостоинствени“. Ако пак ги споредите со, на пример, некои уметници, тие се многукратно подостоинствени. Поточно, ако еден уметник, на пример сликар, за изложба добива 60.000 денари во текот на една година, тоа е одвај половина од една месечна плата на поголемиот дел од „тогите“. Но, за што ѝ требаат на една држава уметници кога има обвинители и судии, професори и доктори…?
Можеме да посочиме уште на десетици слични примери/професии, но на „тогите“ повторно ќе им биде малку. Тие би самите да си одредуваат колку вредат. На пример универзитетот се потсмева на фамозната Шангајска листа како и лисицата на грозјето. Кисело било, а листата „самоколонизирачка“! Ние сме единствени во светот што така ја гледаме. Си играат мајтап и со т.н. „импакт фактор“ зашто, по ѓаволите, зарем постои некој во светот кој би можел подобро да ги оценува од нив самите?! И меѓусебе, едни со други, „танте за кукурику“!? Но, интересно би било јавно да се објави колкав процент од македонските универзитетски професори објавиле барем една книга од областа за којашто се сметаат стручни!
И како недостатокот на научниот, стручниот, професионалниот, моралниот… авторитет овие категории го надокнадуваат со полтронство, клиентелизам, безрбетништво, подлизурство, политикантство…
Хиерархискиот ред во државата одамна е воспоставен, само треба да се одржува преку користењето на сите познати (соцреалистички) методи. И од тој „ред“ кај нас нема отстапување без оглед на називот на системот. Таквата системска хипокризија е во континуирано траење, од неа профитираат релативно мали општествени групи на сметка на сите граѓани кои ги плаќаат нивните „научно-достоинствени“ перверзии.
Не на сите, се разбира, би згрешиле ако во ист кош ги ставиме сите обвинители, судии, професори, медицински персонал…, но нивниот гласен молк за сите заткулисни махинации и коруптивни манипулации на нивните колеги автоматски ги става во него. Можеби, што се вели, „ни криви ни должни“, можеби интимно се срамат но заради редица (објективни?) причини се плашат јавно да истапат, меѓутоа „пресудата“ сепак не може да биде поинаква!
Кога сериозно би разговарале за професионалното достоинство, не би разговарале само за платите. Тие се дел од целиот пакет, но не можат да бидат главниот инструмент за валоризација, особено не само за одделни општествени категории. Кога сериозно би разговарале за професионалното достоинство во некои области, особено во областите што ги покриваат „трите тоги“, зарем би можеле да не говориме за корупцијата, криминалот во нивните редови, за поткупливите професори (некои дури и отстранувани од работните места), за заѕиданите пари во родителските куќи, за „патронско-клиентелистички однос“ во нивните редови…?
Она што е уште пострашно е фактот што државата упорно го негува мислењето дека таа постои за нив, а не тие за неа. Затоа, впрочем, и се формира онаа непотистичко-кронистичка редица кај „трите тоги“ која стрпливо чека некое место да се испразни и да седне меѓу привилегираните. Заради „достоинството“!
П.С.
Да не биде дека сум претерано малициозен кон овие три малигно достоинствени општествени групации, морам да дополнам дека веднаш зад нив кукурикаат оние полуинтелигенти, онаа „пајтон интелигенција“ составена од бивши „општествено-политички работници“, сегашни партиски новинарчиња и вувузели, како и одамна бајати „високи“ политиканти кои еднакво „достоинствено“ шират секакви токсични раскази во јавноста.
Ене ви го впрочем актуелниот пример со оној бивш „претседател“ кој како последна баба оговарачка подметнува наоколу секакви уличарски гадости.