📷 ДОСТОЈНИ КАКО НАЦИЈА, ДРЖАВА И КАКО АРМИЈА Војската слави 31 роденден
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која прва се обрати пред присутните, нагласи дека Армијата им помага на граѓаните во несреќи, им помага и на други земји, засилено се вложува во одбраната, затоа што вистинските патриоти, како што нагласи таа, државата ја сакаат со дела.
Армијата на Македонија денеска одбележува 31 година од своето формирање. По тој повод, на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје се одржува свечена церемонија на која присуствуват државниот и армискиот врв, како и дипломатскиот кор.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека во тек е интензивна модернизација на војската со цел да се даде придонес на НАТО за јакнење на регионалната стабилност.
– Во моментов, главната цел за земјата е европската интеграција и на тој план јас бескомпромисно ќе се залагам, а денеска ќе се види кој е за ЕУ, а кој е за блокада на државата – рече Ковачевски.
Тој посочи дека како членка на НАТО, нашата Армија учествува во акции за мир низ светот.
– Владата е посветена на сите активности на Армијата и ѝ дава поддршка. Нашата војска направи видливи резултати и огромни чекори под водство на Владата на СДСМ. Го унапредивме статусот на војниците и нивната материјална положба, зголемувајќи ги платите и додатоците за станарина, како и за отпремнина по навршувањето на 45 години старост во износ до 25.000 евра – рече Ковачевски.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која прва се обрати пред присутните, нагласи дека Армијата им помага на граѓаните во несреќи, им помага и на други земји, засилено се вложува во одбраната, затоа што вистинските патриоти, како што нагласи таа, државата ја сакаат со дела.
– Во животот не постојат пречки кои треба да нѐ запрат, туку предизвици кои треба да се надминат. Покажавме дека сме достојни како нација, држава и како армија. Достојни наследници сме на жртвата на оние кои се бореа за идеалите. Ѝ помагаме на Украина не затоа што мораме, туку затоа што тоа е единствениот начин да бидеме на добрата стана на историјата. Најважно е дека мирот и слободата не смееме да ги земеме здраво за готово, туку мора да сме подготвени. Затоа интензивно инвестираме во одбраната и во Армијата. Вистинските патриоти државата ја сакаат со дела, а не со зборови – порача министерката Петровска.