ДОСЕГА СЕ ОТКУПЕНИ 78 ИЛЈАДИ ТОНИ ГРОЗЈЕ Во откупот се вклучуваат помали винарии да го соберат вишокот грозје
Лозарите да не стравуваат ќе се откупат сите произведени количини на грозје во земјава и оние дополнителните. Договорени се неколку винарници кои ќе ги откупат дополнителните количини, изјави денеска министерот за земјоделство Цветан Трипуновски по средбата со лозарите во Кавадарци.
Годинава приносите на грозје се повисоки од договорените количини за откуп, па лозари се плашат дека дополнителните количини на грозје нема да им бидат откупени.
-„Вардар винарија“ ќе ги собере дополнителните количини грозје во тиквешкиот регион каде што ќе откупуваат и „Винарија Охрид“ и и „Мовина“. „Мако импекс“ ќе ги собира дополнителните количини од Валандово и тој дел од земјата, а „Мако винари“ ќе откупува во светиниколско. Останатите винарии продолжуваат со откупот на „вранецот“. Точно е дека имаме поголемо производство на грозје, но сите количини ќе бидат откупени – рече Трипуновски.
Тој информира дека досега се откупени повеќе од 78 милиони килограми грозје. Од ни 35 милини килограми се од црвено и црно грозје и околу 40 милиони килограми бело грозја.
Трипуновски не го кажа податокот на грозјето што се извезува бидејќи , како што рече, тоа го следи инспекторатот за земјоделство.
Тој рече дека за зголемување на приносите придонело тоа што во летниот период беше овозможено редовно да се наводнуваат.