ДОСЕГА СЕ ОТКУПЕНИ 15.000 ТОНИ ТУТУН Трипуновски очекува откупот да заврши до крајот на годинава
Трипуновски ја оцени како многу успешна годината што изминува во ресорот што го предводи, истакнувајќи ги податоците од Државниот завод за статистика според кои во второто тримесечје, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 3,6 милијарди денари, што посочи претставува зголемување од 24,6% во однос на истиот период од 2024 година.
Како и минатата година, така и оваа година откупот на тутунот се одвива без проблеми. Досега, се откупени околу 15 милиони килограми тутун, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на МРТ.
Трипуновски рече дека според последните информации, просечната откупна цена изнесува околу 419,84 денари за килограм, што е за речиси 20 денари повеќе во споредба со минатата година.
– Очекувам, доколку продолжи ваквата динамика, откупот на тутунот од реколтата 2025 да заврши до крајот на годината – рече министерот за земјоделство.
Трипуновски ја оцени како многу успешна годината што изминува во ресорот што го предводи, истакнувајќи ги податоците од Државниот завод за статистика според кои во второто тримесечје, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 3,6 милијарди денари, што посочи претставува зголемување од 24,6% во однос на истиот период од 2024 година.
Трипуновски рече дека во третото тримесечје, откупот и продажбата достигнаа 5,2 милијарди денари, што е раст од 12%, односно околу 10,4% споредбено со 2024 година.
– Овие бројки се јасен показател дека сме значително поуспешни од минатата година – посочи Трипуновски.
Тој додаде дека позитивните трендови се евидентни и во делот на извозот на земјоделски производи.
– Во периодот јануари – октомври, извозот на храна бележи раст од 5,5% во споредба со 2024 година. Кај пијалаците и извозот на тутун е забележан раст од дури 30%. Овие податоци се показател дека сме на вистинскиот пат кон враќање и зајакнување на македонското земјоделство – оцени Трипуновски.
Осврнувајќи се на резултатите од годинава меѓу останатото наведе дека донесени се важни законски решенија и реализирани се јавни повици за прераспределба на земјоделско земјиште и ловишта. Исто така, преземени се активности за забрзување на запоставени проекти, како тој со Светска банка за изградба на откупни центри во Скопје и Струмица, како и проектот финансиран со кредит од германска банка за изградба на системи за наводнување, кои се во напредна фаза. Во текот на 2026 година ќе започне и нивната реална изградба.