ДОСЕГА НАД 12.800 ЗЕМЈОТРЕСИ НА САНТОРИНИ Сеизмолозите не се уверени дека синоќешниот најсилен потрес од 5,3 степени беше „главниот“
Сеизмологот Герасимос Пападопулос на социјалните мрежи коментираше дека силниот земјотрес ја избриша „малата трошка оптимизам“.
По синоќешниот земјотрес од 5,3 степени регистриран кусо по 22 часот во близина на Санторини, што воедно беше и најсилниот во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во изминатите 10 дена, во текот на ноќта и утрово се случи нова серија земјотреси, со интензитет меѓу 4 и 5 степени.
Според официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, до 9.30 часот утрово беа регистрирани 13 земјотреси над 4 степени, од кои еден беше 5 степени. Рано утрово во период од два часа имаше 22 земјотреси над 3 степени, а најсилните беа 4,6, 4,8 и 4,9 степени.
За синоќешниот земјотрес од 5,3 степени, што беше и најсилниот досега, претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција, Ефтимиос Лекас рече дека „не можеме со сигурност да кажеме дека тоа е главниот земјотрес“. Сеизмологот Герасимос Пападопулос на социјалните мрежи коментираше дека силниот земјотрес ја избриша „малата трошка оптимизам“.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот универзитет, од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос, од 26 јануари заклучно со 8 февруари, се регистрирани над 12.800 земјотреси.
За попладнево е закажан нов состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, за да се оцени ситуацијата.
Членовите на комисиите во текот на викендот одлучија училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите да бидат затворени и оваа седмица.