ДОСЕГА 130 ПЕНЗИОНЕРИ ЗЕМААТ ПЕНЗИЈА И ОД ВТОРИОТ СТОЛБ Во Македонија има 410.602 пензионери
По основот докуп на стаж минатата година Фондот наплатил 4,2 милијарди денари, односно околу 68 милиони евра.
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување денеска ја усвои Завршната сметка за 2025 година.
Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Директорот Никола Мемов ги информираше членовите дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни.
Мемов информирае дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста е намален бројот на предметите.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот, досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив, 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка, примаат минимална пензија од Фондот.
Во врска со докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 година од Фондот наплатил 4,2 милијарди денари, односно околу 68 милиони евра.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за минатата година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на пензионерите. Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.