ДОПРЕ ДО СРЦАТА НА МИЛИОНИ ЛУЃЕ НАДМИНУВАЈЌИ ВЕРСКИ И НАЦИОНАЛНИ ГРАНИЦИ Гаши сочувствува со католиците по смртта на папата Франциск
Претседателот на Собранието вели дека неговото наследство ќе остане водич за идните генерации за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во сочувството по повод смртта на папата Франциск посочува дека смртта на папата е длабока загуба за целото човештво.
– Како духовен лидер на нашето време, тој ги вгради принципите на мирот, социјалната правда и меѓурелигиозниот дијалог, станувајќи симбол на посветеноста кон заедничкото добро. Со својата едноставност, со безусловната љубов кон човекот и природата, Папа Франциск допре до срцата на милиони луѓе низ целиот свет, надминувајќи верски, национални или идеолошки граници – вели Гаши.
Тој додава дека неговото наследство ќе остане водич за идните генерации за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет.
„ Во мое лично име и во име на Собранието на Република Северна Македонија, изразувам најискрени сочувства за оваа незаменлива загуба за католичкиот свет и за целото човештво. Нека биде вечен споменот за него!“, се вели во сочувството на Гаши за Папа Франциско.