ДОПОЛНИТЕЛНИОТ ДА НЕ СЕ РАСФРЛА СО ПЕРДУВИ! Тошковски му порача на Бојмацалиев да оди во магацин наместо да се слика на граница
Бојмацалиев не мора да се слика на Меџитлија, новите пасоши може да ги види во магацините на МВР - му порача техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека 30.000 обрасци за пасоши вчера стигнале во Македонија. Вината за застојот во процесот, Тошковски ја насочи кон претходното раководство на МВР, а на дополнителниот заменик министер од редовите на СДСМ, Митко Бојмацалиев му порача дека новите пасоши може да ги види во магацините на МВР.
– Доколку претходниот менаџмент на МВР обезбедел најмалку уште две 2-3 машини, кои ќе можеа да принтаат, не по 3.000, туку по 6.000 патни исправи на ден, во тој случај немаше да се чека по два месеци, туку ќе се чекаше многу пократко. Но фактот е таков каков што е. Би ги замолил сите политичари во наредниот период да не расфрлаат пердуви и да не ја манипулираат јавноста – реагираше министерот Тошковски.
Бидејќи на една од предходните пратки пасоши дополнителниот заменик министер од СДСМ, Митко Бојмацалиев отиде да се слика на граничен премин, Тошковски иронично му порачува на својот заменик дека не мора да оди на граница за да прави пропаганда.
– Бојмацалиев не мора да се слика на Меџитлија, новите пасоши може да ги види во магацините на МВР – му порача Тошковски на својот заменик.
Предходно дополнителниот заменикминистер го обвини Тошковски дека неефикасно се справува со проблемите што му ги остави неговиот претходник Оливер Спасовски.
– Според последните сознанија што ги имам и бројките што ги побарав, над 100.000 граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. А само ќе напоменам дека пред техничката влада, сите граѓани ги добиваа своите лични документи во рок од 15 дена. Но за среќа техничката влада завршува за брзо па ќе ги вратиме управните служби на прав колосек, граѓаните ќе бидат сликани и услужени за 15 дена да ги имаат своите документи. Тоа го зборував уште од првиот ден, но не наиде на разбирање дека не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите, а да не им ги дадеме пасошите. Граѓаните чекаат некаде веќе два и пол месеци за одредени документи за кои уредно си платиле и се сликале -потенцираше дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев.