ДОПОЛНИТЕЛНИ 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАЗВОЈОТ НА КОЧАНИ Парите ќе се трошат за инфраструктура и за проекти за поубав живот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека Кочани ќе биде во центарот на вниманието, така што веќе се работи со меѓународните партнери со цел само за Кочани и регионот да се обезбедат дополнителни 100 милиони евра.
Надвор од тековните трансфери од централниот буџет, за Кочани ќе се обезбедат дополнителни 100 милиони евра, кои ќе се вложуваат во инфраструктурни проекти, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибина во Кочани.
Мицкоски порача дека Владата останува партнер на општините во кои за 15 месеци од централниот буџет се распределени околу 500 милиони евра. Тој рече дека Кочани ќе биде во центарот на вниманието, така што веќе се работи со меѓународните партнери со цел, надвор од тековни трансфери од централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот да се обезбедат дополнителни 100 милиони евра.
Додаде дека ова се пари што ќе се вложуваат исклучиво во инфраструктурни проекти и во проекти кои ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион.
– Државата и Владата остануваат партнери на општините како ниедна претходна Влада. Во овие 15 месеци, отприлика половина милијарда евра реалоциравме од централниот буџет кон општините и не беше лесно бидејќи мандатот го започнавме со минус на сметката на Владата од 200 милиони евра. Сега е добро, тие ги вративме, сега сме 50-60 во плус и ликвидни сме како влада, ја консолидиравме таа состојба, успеавме да дојдеме до месечна ликвидност и на општините да им помогнеме со половина милијарда евра, нешто што беше незамислено и невозможно – рече Мицкоски.
Тој исто така порача дека на овие избори се гласа само за две опции, едната е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што значи работа и напредок на државата, а другата опција е коалицијата во која членуваат Венко Филипче, односно Зоран Заев, Али Ахмети и Димче Апасиев.
Мицкоски порача дека после изборите ќе дојде вистинската одговорност и правда и секој што се огрешил ќе одговара за стореното и повика одговорноста за сторените криминали да не се толкува како политички прогон.