ДОПОЛНИТЕЛНА МЕХАНИЗАЦИЈА ВО ЦЕНТАР Герасимовски со хигиеничарите на терен, се собира ѓубрето од улиците

Општина Центар со сопствени сили го чисти градот, Герасимовски вели дека граѓаните не смеат да бидат заложници на нечија негрижа.

1,352

Општина Центар веќе со недели се справува со хаос во хигиената поради нефункционирањето на ЈП „Комунална хигиена“, кое е под надлежност на Град Скопје. Преполните контејнери и нечистите улици станаа секојдневие за граѓаните, но локалната власт реши да не чека и со сопствени сили ја презема грижата за чистотата.

Градоначалникот Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски вчера потпишаа договор за изнајмување дополнителна механизација и опрема за поефикасно собирање отпад и миење улици.






– Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена – изјави Герасимовски.

Со договорот се обезбедени ѓубретарки, цистерни за перење улици, специјализирани метларки и контејнери, како и возило за бележење хоризонтална сигнализација. Ова засилување ќе овозможи општината да реагира побрзо и поефикасно таму каде што Градот Скопје и јавното претпријатие затаиле.

Герасимовски доцна вчера дури и самиот, заедно со општинските хигиеничари, излезе на терен и со свои раце го чистеше сметот од центарските улици.

– Повторно сме на терен. Нашите хигиеничари ја завршуваат работата на ЈП „Комунална хигиена“ на Град Скопје, денеска целиот град е хаос. Оваа локација нашите хигиеничари ја чистеле во утринските часови, но повторно е со смет. Дури видовме и контејнери оставени сред булевар и превртени контејнери со отпад. Сево ова нема да го дозволиме, нашите хигиеничари ќе бидат на терен во неколку смени – изјави тој.

Градоначалникот повторно апелираше до градската власт да си ги заврши обврските и порача дека Центар ќе продолжи со чистење во текот на денот, сè со цел да им обезбеди на граѓаните пристоен животен амбиент.

Поврзани содржини