Во Кумановската болница денеска се прави дополнителен скрининг на сите вработени во болницата, информира премиерот Оливер Спасовски.
– Земени се 210 тестови за испитување и на тој начин и врз основа на одлуките кои ги носи Министерството за здравство и менаџментот на болницата, болницата функционира. Во некои одделенија можно е да има намален обем на работа и капацитет, но во болницата има 700 вработени, а позитивни се 44, што остава простор да функционира болницата. Ќе се направи се, за да им се обезбеди на кумановци соодветна здравствена заштита – рече премиерот.
Спасовски потсети дека претходно се донесени лекари однадвор кои работат веќе две недели и на инфективното одделение се донесени лекари од Клиничкиот центар, конкурсите кои биле прекинати за прием на лекари, медицински персонал, дадена е насока да продолжат за да може да се активираат и тие.