Дополнетиот предлог-буџет за 2021 пред пратениците

Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмит Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

338

Пратениците попладнево ја почнаа расправата за Дополнетниот предлог буџет за 2021 година во кој се вградени 18 амандмани од собраниската расправа на матичната Комисија за финансирање и буџет.

Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмит Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.






– Наредната фискална година се карактеризира со сѐ уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија – рече Бесими.

За опозицијата, Дополнетиот предлог-буџет нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.

– Се згреши во проценките, а милјардата која се потроши за економски мерки, не ги даде очекуваните резултати. Во најдобар случај ќе ни требаат две години да се вратиме на нивото како пред кризата. Владата нема стратегија, има само ад хок решенија – рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Тој посочи дека на економски план годината ќе заврши најлошо и дека падот нема да биде 4,4 проценти, туку 5,4 проценти. За јавниот долг рече дека е највисок досега, а лоша е и реализацијата на капиталните расходи.

Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.

– Главната цел е одржување на функционалноста на економијата.Буџетот е избалансиран со фокус на здравството и поддршка на започнатите реформи – посочија од СДСМ, потсетувајќи дека во изминатиот период се реализирани четири сета антикризни мерки за зачувување на ликвидноста на стопанството и на работните места.

Расправата по дополнетот предлог буџет на пленарна седница трае три работни дена, по што се гласа по предлогот.

Поврзани содржини