СИНДИКАТОТ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ВО НЕРАБОТЕН ДЕН ЗА ДА ИМ ДОЈДАТ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ До крајот на февруари ќе чека одговори на барањата
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека има време за договор до крајот на февруари, но потоа ќе следат генерален штрајк и работнички протест, а не ја исклучува и можноста за таргетирани блокади и во други градови.
Сојузот на синдикати (ССМ) ја блокираше Владата и побара таа да предложи измени на Законот за минимална плата со кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати плати за 100 евра.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека има време за договор до крајот на февруари, но потоа ќе следат генерален штрајк и работнички протест, а не ја исклучува и можноста за таргетирани блокади и во други градови.
– Бараме многу сериозно да размислуваат и да разговараат, или да ги ослободат работодавачите или да подадат рака и на бизнисот за ослободување на придонесите за задолжително социјално осигурување. Ги потсетуваме дека пред една година, кога бевме на преговори, тие тоа еднострано го одбија, иако ССМ и работодавачите беа договорени за најмалку 6.000 денари да се зголемат платите на сите работници во државата – рече Трендафилов.
Тој даде и ветување дека нема да се појавува во јавност, ако Владата одговори позитивно на барањата.
– Донесете ја одлуката денеска и нема повеќе блокади и протести, нема да ме видите никаде, ни на протест, ни на медиуми, ни на социјални мрежи или каде било во јавен настап – рече Трендафилов.
Тој најави дека поради притисоците врз работниците наредниот протест, кој очекува да биде масовен, ќе се одржи во неработен ден.
– Така ќе овозможиме работниците да го покажат своето незадоволство. Поканети се сите кои сметаат дека платите им се мали – рече Трендафилов.
Според него, работодавачите имаат можност до крајот на февруари да кажат за колку се подготвени да ги зголемат работничките плати.