Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ кои разговараа и за проширување ноќеска по полноќ постигнаа консензус за безусловна одлука за започнување преговори со Македонија. По објавувањето на одлуката би се одржала и првата меѓувладина конференција, соопшти денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес конференција во Владата.
– Денеска очекуваме да се потврди оваа одлука, а понатаму на 24 март да се официјалира од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК и потоа на самитот на лидерите на ЕУ предвиден за 26 март во вид на видео-конференција. Ова е исклучително добра вест, не само затоа што претставува постигнување на консензус од сите 27 земји членки по сите разлики кои постоеја во последните 15 години и навистина претставува историски момент за државата. Сепак, денеска и во наредните денови треба истата и формално да се потврди. Оваа одлука ни дава уште една можност да се вклучиме во европскиот солидарн фонд – рече тој.
Тој соопшти и дека норвешката влада одобрила донација од 3,2 милиони евра преку програмата УНОПС за медицински материјали за Македонија, Србија и за Црна Гора.
Педесет милиони евра биле ветени од еврокомесарот Оливер Вархеји како награда за Македонија, а сега владата побарала од ЕУ да ги пренамени тие пари за да се искористат за справување со коронавирусот.