ДОНАЦИИТЕ ЗА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНИ НЕ СЕ ОДАНОЧУВААТ На сметките на Црвен крст легнаа 1,96 милиони евра

Црвениот крст до почетокот на април изврши две исплати на семејствата на сите починати и повредени лица кои се лекуваат во странство и во земјата. Во двата трансфери вкупно се исплатени 60.850.000 денари од донираните пари.

374

Парите коишто семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани ги добиваат како донација немаат обврска да ги пријават во Управата за јавни приходи (УЈП) и за нив да платат данок на личен доход. Не се оданочуваат ниту износите кои граѓаните ги уплатуваат како донација во Црвениот крст или директно на сметките на семејствата, велат од Управата за јавни приходи, откако во јавноста се прошири информација дека за донираните пари семејствата и граѓаните ќе треба да платат персонален данок.

Нема точен износ на досега донираните пари за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.






Според страницата на Црвениот крст, преку оваа хуманитарна организација се собрани 1,96 милиони евра, но донации директно до семејствата се реализираат преку интернет платформа создадена за таа целкако и посебни фондации формирани за таа цел. Се организираат и културни, спортски и други настани со цел да се обезбедат пари за семејствата. Притоа донираат граѓани, фирми невладини организации и здруженија.

Црвениот крст до почетокот на април изврши две исплати на пари на семејствата на сите починати и повредени лица кои се лекуваат во странство и во земјава. Во двата трансфера вкупно се исплатени 60.850.000 денари од донираните пари.

Донациите се регулирани со посебен закон за донации, кој треба да овозможи да нема манипулации со овие пари како од организациите кои се формирани за хуманитарни цели, така и од фирмите и здруженијата. Донацијата може да се даде во: жирални пари, финансиски средства, теледавања и организирани настани за прибирање на средства, секаков вид добра и услуги, вклучувајќи и материјални добра, сопствено произведени или набавени, и други преносни права.

Според законот, граѓаните донатори не плаќаат персонален данок на парите кои ги уплатиле како донација, но фирмите подлежат на данок. Но и граѓаните и фирмите кои дале донација на Црвен крст или друга регистрирана хуманитарна организација можат да користат даночно ослободување.

– Физичко лице кое донира финансиски средства на правно лице според одредбите од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, a врз основа на договорот за донација, има право на намалување на пресметан, а неплатен персонален данок на доход или враќање на платен персонален данок на доход утврден врз основа на неговата годишна даночна пријава во висина на донацијата, но не повеќе од 20% од износот на неговиот годишен данок на личен доход, а најмногу до 24.000 денари – велат од Управата за јавни приходи.

За да го оствари ова право граѓанинот кој донирал пари кон годишната даночна пријава доставува копија од договорот за донација, копија од решението донесено од Министерството за правда со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатата на парите.

Јавниот интерес на дадената донација, по поднесено барање за потврдување на јавен интерес од страна на давателот или примателот на донацијата, го потврдува Министерството за правда, кое издава решение со кое го потврдува јавниот интерес на дадената донација.

Фирмите, пак, кои донирале пари на посебни сметки на Црвениот крст или други регистрирани хуманитарни здруженија, можат да користат ослободување од данокот на добивка, но за да го добијат тоа ослободување треба да потпишат договор во писмена форма и да докажат пред Управата за јавни приходи дека уплатиле одреден износ за донација.

Кога се донира во здружение или фондација која е основана за конкретна финансиска поддршка во врска со јавен интерес утврден со закон, може да не се склучува договор во писмена форма.

– Притоа, како основ за даночно поттикнување (признаен расход) ќе се смета извршената уплата на финансиски средства на посебна трансакциска сметка на примателот на донацијата за таа намена, од моментот на упис во регистарот на здружение или фондација согласно со закон до конечното остварување на јавниот интерес за кој се дава конкретна финансиска поддршка – појаснуваат од УЈП.

Доколку правното лице (фирми, здруженија …) дале донација во хуманитарна организација и не спровеле постапка за потврда на јавниот интерес на донацијата согласно Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, во тој случај трошоците за дадената донација не се сметаат за признат расход и подлежат на оданочување со данок на добивка.

– Во тој случај, за износот на направените трошоци, друштвото-давател на донацијата треба да ја зголеми даночната основа за данокот на добивка во ДБ за соодветната година во која е направено донирањето – велат од УЈП.

Донирањето на пари на сметката на Црвен крст од страна на правни лица (фирми) не претставува промет согласно одредбите на Законот за данокот на додадена вредност и на донираните парични средства немаат обврска да пресметаат и платат данок на додадена вредност.

Дадените донации односно трошоците за донации кон Црвениот крст кои се направени во согласност со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, им се признаваат како расход во даночниот биланс за соодветната година, до 5% од вкупниот приход остварен во годината според Законот за данокот на добивка.

– За остварување на ова даночно поттикнување потребно е правното лице-давател на донацијата и примателот на донацијата (Црвен крст на РСМ) да изготват извештај за дадената и за добиената донација, кој заедно со Договорот за донацијата задолжително се доставуваат до УЈП, најдоцна 30 дена од денот на исполнувањето на договорот, за цели на користење на предвидените даночни поттикнувања согласно Законот за донации односно на Законот за данокот на добивка – велат од УЈП.

Во случај кога Црвен крст ќе даде донација во вид на парични средства на физички лица по претходно спроведена постапката согласно Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, нема обврска да пресмета и плати данок на личен доход.

– Доколку, пак, не е спроведена постапката согласно со Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, правното лице – Црвен крст за донираните средства, има обврска согласно член 71 од Законот за данокот на личен доход, да пресмета, пријави и плати данок на личен доход по даночна стапка од 10%. За пресметка на данокот на личен доход, исплатувачот е должен до Управата за јавни приходи, да поднесе електронска аконтативна пресметка – велат од Управата за јавни приходи.

Досега државата како првична помош издвои 30 милиони денари за помош на семејствата и одлучи да ги покрие сите трошоци на семејствата на настраданите кои се лекуваат во странство.

Поврзани содржини