Домот на АРМ стана нов Дом на танцот

Странски студенти, настава на англиски јазик и отворање на мастер студии на кои веќе се пријавени студенти не само од Македонија, туку од регионот и пошироко, најави деканката на Факултетот за филмска уметност при УГД Рисима Рисимкин.

379

Катедрата по современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби простор во Домот на Армијата во Скопје на користење кој ќе овозможи современи услови за едукација на нивните студенти. Како што истакна деканката на Факултетот за филмска уметност при УГД Рисима Рисимкин, просторот е отстапен како резултат на воспоставената соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Министерството за одбрана. Во оваа соработка се вклучија и партнери од Кралството Холандија, со донација на специјална опрема во вредност од 17.500 евра, за опремување на просторот за студентите од катедрата по современ танц при Универзитетот.

– Поминавме долг пат и успеавме да го постигнеме тоа што го сакаме. Во овој момент Скопје-Штип танцовата академија како што популарно ја нарекуваме, односно катедрата за танц при УГД доби простории во кои што ќе работи благодарение на Министертствоо за одбрана. Ние ги реновиравме просториите со донација од нашите холандски пријатели од околу 18.000 евра. Поставен е специјален балетски под и специјален дрвен под за двете студија и мислам дека во моментов сме единствени во Македонија кои имаат таков под кој благо вибрира и овозможува да се спречат евентуални повреди на танчерите. Како Универзитет се трудиме нашите студенти да имаат извонредни услови за работа по европски стандарди, а од оваа година и ја интернационализираме програмата. Веќе имаме странски студенти, програмите одат на англиски јазик и отвораме мастер студии на кои веќе имаме пријавено студенти не само од Македонија, туку од регионот и пошироко – рече Рисимкин на денешната прес конференција.






Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп изрази задоволство што пред 11 години го поддржале како Амбасада проектот за современ танц во траење од три години од кој потоа се формира Скопје танцовата академија (СТА).

– Како донатори секогаш кога треба да поддржиме нешто ново претставува ризик. Но денес тука по повеќе од 10 години можеме да кажеме дека сме наградени со резултати. Покрај преземање на искуство и знаење, оваа комуникација овозможи и размена меѓу уметници, кореографи. Она што е од уште поголемо знаечење е дека Скопје танцовата академија навистина направи одлични чекори понатаму. По иницијалната поддршка СТА продолжи со програмата и застана на сопствени нозе, успеа да привлече државни фондови и што е уште поважно, стана дел од едукативниот систем во земјава, а како последно опремија простор кој ќе значи многу за натамошниот развој на академијата – рече амбасадорот Коп.

И покрај пандемијата со ковид тој најави гостување на една од најпрестижните холандски и светски танцови компании на Скопје танц фест оваа есен.

Министерската за одбрана Радмила Шекеринска логиката на оваа соработка ја гледа во политиката на транспарентност за што, нагласи дека Министерството вчера било прогласено за апсолутен шампион на транспарентноста според анализи на невладини организации.

– Денеска покажавме дека врската помеѓу државните институции, академскиот свет, невладините иницијативи и меѓународната помош може да направи неверојатни резултати. Синергијата која ја создадовме направи денеска да имаме важна институција од штипскиот Универзитет кои ваква шанса побараа и ваква шанса добија, затоа што сакаме и Домот на Армијата да биде жив, да има повеќе млади и да ни дадат култура. Армијата покажа дека секогаш е во служба на граѓаните и дека се грижи за своите граѓани и во добро и во лошо, а ова е чекор во таа насока – рече Шекеринска.

Таа додаде дека оваа соработка е и мала шанса да му возвратат на Унивезритетот кој веќе две години без надомест обезбедува мерења на сите податоци за животната средина за воените вежби на Криволак.

Поврзани содржини