Домашните миленици не знаат што е ковид-19, но чувствуваат промени

334

Домашните миленици, кучето Пикси, мачорот Цезар или морското прасе Цуцо не знаат што е ковид-19, ниту се преносители на заразната болест, но според нашите соговорници, тие ги почувствувале промените во секојдневието со корона-амбиентот, затоа што разни членови на семејството, децата или возрасните минатиов период биле или се вознемирени, а домашните миленици тоа умеат да го препознаат.

Во периодот со ограничено движење, полициски час, затворени објекти и други рестриктивни мерки, домашните миленици, според Нада Ванчовска, фризер-грумер од Битола, сепак не останаа запоставени и без соодветна грижа.






– Коронавирусот не предизвика некое посебно ниту поголемо влијание врз нашата работа. Често бевме во контакт со сопствениците на разни домашни миленици, се советуваа, им дававме мислење и доаѓаа во нашиот груминг-салон „Пријатели“, затоа што нашите еднаш стекнати пријателства, долго траат. Сопствениците знаеја дека треба да продолжат со одржување на хигиената на своите миленици, тие се дел од нивното секојдневие, сакаат да бидат чисти, живеат со нив, скокаат од кревет на кревет и често спијат со нивните деца. Во овој период, јас како грумер, континуирано се дружев со стандардните пријатели, прекрасни кучиња, мачиња, зајаци и морски прасиња, кои доаѓаа на груминг во нашиот салон – вели Ванчовска.

Во актуелниот корона-амбиент, луѓето често беа нервозни поради ограничени термини во фризерските салони, но се чини и домашните миленици како едвај да чекаа да го посетат својот грумер, посочуваат од грумер-салонот „Пријатели“-Битола.

– Фризурата, средувањето на домашниот миленик не е мода, туку потреба. Замислете како ние би се чувствувале ако со денови не се чешламе, не се стрижеме или не ја миеме косата!? Истото чувство ќе го имаат, или имаат и домашните миленици. Но, кога се во моите раце, домашните миленици уживаат, ритуалот е многу едноставен, им пристапуваме со големо внимание уште на самиот прием во салонот, се запознаваме, ги галиме, гушкаме, се запознаваат со приборот за стрижење и редовно го мирисаат, а откако ќе почувствуваме знак на одобрување, ја изработуваме фризурата. Домашните миленици не сакаат да бидат трауматизирани, напротив, сакаат да се релаксираат. Посебно се мирни кога им ги чистиме ушите и шепите, а се немирни кога им ги средуваме ноктите – појаснува Ванчовска и додава дека е прекрасно кога гледате како домашните миленици изгледаат пред и по третманот.

Изборот на фризура за секој домашен миленик го врши сопственикот, но често се прифаќаат и предлозите на фризерот-грумер. Изработката на фризура зависи и од должината на влакното, видот на крзното, како и расата на домашниот миленик.

Поврзани содржини