ДОМАЌИНОТ НА МУНДИЈАЛОТ Е ТОЈ ШТО НЕ МОЖЕ ДА ГАРАНТИРА СИГУРНОСТ Иранската федерација му возврати на Трамп

Иранската фудбалска федерација порача дека местото на Мундијалот се освојува на терен, а не со политички одлуки. Од Техеран додаваат дека единствената држава што би требало да биде исклучена е онаа што како домаќин не може да гарантира безбедност за учесниците.

0

Фудбалската федерација на Иран остро реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сугерираше дека друга држава треба да го заземе местото на Иран на Светското првенство од безбедносни причини.

Иранската федерација порача дека светскиот шампионат не е политичка одлука.






„Светското првенство е историски меѓународен настан во организација на ФИФА, а не на некој поединец или држава“, се наведува во соопштението.

Во реакцијата се додава дека иранската репрезентација се квалификувала благодарение на резултатите на теренот.

„Иранската репрезентација меѓу првите, благодарение на силата и серијата победи на храбрите синови на Иран, се квалификуваше на големиот турнир“.

Федерацијата испрати и индиректна порака за безбедноста на турнирот.

„Единствената држава која треба да биде исклучена е таа која е домаќин, а не е во можност да гарантира сигурност за екипите учеснички“, се наведува во реакцијата.

Изјавата на федерацијата доаѓа само неколку дена по спротивниот став на иранскиот министер за спорт Ахмед Донјамал.

Тој претходно изјави дека Иран можеби нема да учествува на Мундијалот, што создаде дополнителна конфузија околу позицијата на државата.

Фудбалскиот Мундијал започнува за околу три месеци, а политичките тензии околу учеството на Иран продолжуваат да растат.

Поврзани содржини