ДОМ НЕ Ѝ ЉУБОМОРИ НА АЛТЕРНАТИВА ЗА ИЗБОКСУВАНИТЕ ПОЗИЦИИ За Морачанин најважни се програмските приоритети

Во последните неколку недели, колку што течеа преговорите помеѓу премиерот и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, некако сè беше сведено на политичко пазарење и за тоа колку министерски и директорски позиции ќе добие новиот коалициски партнер, но сепак, тоа што нас нè интересира се само програмските приоритети, изјави претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

1,436

Премногу е хипотетички сега да кажуваме дали би можеле да ја напуштиме владата доколку не ни се допаднат новите измени по постигнатиот договор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, изјави за Плусинфо претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Таа признава дека Гаши успеал да му избоксува голем број функции на премиерот Зоран Заев во замена за приклучување на неговата партија во владината коалиција, но како што посочува, за нејзината партија најважни се програмските приоритети.






За нас не се најважни функциите што би можеле да ги добиеме, без разлика дали се работи за директорско или за министерско место, туку најважни ни се програмските приоритети.

Маја Морачанин ДОМ

– За нас е важно каква ќе биде програмата на новата влада и очекуваме премиерот Зоран Заев да нè повика, да ни ги соопшти новите измени и да разговараме за постигнатиот договор со Алтернатива, односно да ни биде соопштено што тоа ќе значи во контекст на програмските приоритети. Премногу хипотетички е сега да кажуваме дали би можеле да ја напуштиме владата доколку не ни се допаднат новите измени. Најпрво треба да видиме што точно содржи тој договор и врз основа на тоа да ја утврдиме нашата позиција. За нас не се најважни функциите што би можеле да ги добиеме, без разлика дали се работи за директорско или за министерско место, туку најважни ни се програмските приоритети. За нас најмалку важно е дали имаме директорска позиција на едно или на друго место. Во последните неколку недели, колку што течеа преговорите помеѓу премиерот и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, некако сè беше сведено на политичко пазарење и за тоа колку министерски и директорски позиции ќе добие новиот коалициски партнер, но сепак, тоа што нас нè интересира се само програмските приоритети – изјави Морачанин.

Претходно, и нејзиниот коалициски партнер од политичката партија ЛДП, Горан Милевски, рече дека очекува премиерот Заев деновиве да ја извести коалицијата ЛДП-ДОМ за новите измени.

– Немаше потреба да се прават овие театри цел еден месец, бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговори со Европската Унија и целата енергија на политички чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем којшто ќе значи подобар животен стандард на граѓаните наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени. Очекуваме премиерот Заев и јавноста и нас како коалициони партии да нè извести, да знаеме во каква нова влада влегуваме, дали тоа за ЛДП е прифатливо или не. Се разбира, тоа е наша заедничка одлука со ДОМ – изјави Милевски.

ЛДП и ДОМ имаат тројца пратеници, а само едно министерско место. Сите останати помали коалициски партнери на СДСМ и ДУИ во власта имаат двојно повеќе пратеници отколку Алтернатива на Африм Гаши, а речиси двојно помалку министерски и други раководни функции во владејачката коалиција.

Сепак, дури и да одлучат да ја напуштат коалицијата, ЛДП и ДОМ не би можеле да влијаат на парламентарното мнозинство кое без нивните тројца пратеници би останало со 61 пратеник.

Поврзани содржини