Долгото македонско (про)паѓање

Кога говориме за долгото, предолгото македонско (про)паѓање, не мислиме на ова денес туку особено на она вчера, но и години/децении пред тоа. И тука не мислам дека оваа власт ќе биде идеална или дека ќе успее многу да смени. За тоа се неопходни низа години коишто никој не ѝ ги гарантира. Но дека оние од вчера можат да направат нешто умно за утре е, извинете, вон памет.

117

Само формално односно за потребите на зададена теза можеме да кажеме дека нашето (про)паѓање е баш од 2017-та. За жал, тоа нѐ враќа барем три децении назад, во онаа 1992 година и зацртаните (несиметрични) линии на „развојот“ – или, подобро речено, на криминалот, корупцијата и општествената деградација! – кога итно беше направена новата поделба на „елитите“, наметнат накарадниот „нов вредносен систем“ и зацврстен соцреалистичкиот светоглед како единствено можен кај нас. Но, некој со право можеби ќе рече дека границата на почетокот на тоа (про)паѓање треба да се помести барем една деценија порано, со што јас би се согласил. Ама тоа е сепак друга тема.

Меѓутоа, ништо од тоа не ја намалува одговорноста на „елитата“ од 2017-та наваму, не само поради тоа што беше „до вчера“, туку затоа што забетонира сѐ што беше најгрдо, најодвратно, најнеморално…, и го прогласи за – прогресивно!






Онаа 1991 година беше помпезна година на „новото“, на сѐ што навистина требаше да биде голем општествен пресврт, а особено новиот демократски систем, новите морал и етика, квалитетот и компетентноста наместо партискиот диктат итн. Но „новото“ никако не можеше да опстане – не му дозволуваа – па веднаш беше заменето со ново-старите навики, идеи, начин на одлучување и однесување… Од новото дојде само она ФИРОМ, приватизацијата, општиот грабеж и борба за власт помеѓу „елитите“…, а резултатот го гледаме денес. Или не го гледаме, зависно од диоптријата, најчесто политичката и онаа неморалната, непрофесионалната, неетичката. Но тоа е сепак тука – сељачизмот успеа да надвладее во сите сегменти, упорно наметнуван од „наследниците“ на некогашниот СКМ. Ним им беше важен само имотот, не идеите. Успеаја, како впрочем и сѐ друго, да ја кастрираат дури и антифашистичката идеја, врзувајќи ја за опашката на нивните умислени евроатлантски аспирации!

Затоа, имено, не сум само уште еден загрижен плачко по младите кои ја напуштаат земјата. Напротив. Или, сме се прашале ли: а што би научиле тие млади денес, и овде? Во што би се претвориле тие деца останувајќи во земјава? Во безрбетни подлизурковци, во партиски манипулатори, во кукли без достоинство, во корумпирани чиновници и неморални тезгари кои сакаат да се нарекуваат бизнисмени…? Или можеби ќе станат дел од онаа универзитетска полуписмена „елита“ која не е ни на илјадитото место во светот, ќе бидат партиски „високостручен“ кадар без биографии и грам самопочит, перспективни лепачи на плакати…? Во светот, ако се способни, барем ќе научат многу нешта неопходни за достоинствен живот, професионално искуство и ќе се надеваат на некаква предвидлива иднина!

Зашто, погледнете што денес се случува овде, не само заради некакви локални избори коишто отворија фронтови низ целата земја. Убаво е да прочитате дека некој денес се обидува да изигрува неутрален воен аналитичар ама до вчера пелтечеше навивачки глупости, дека некој од онаа булумента „општествено-политички“ работници конечно успеал да види некаков „простаклук“ (ама само во противничкиот табор!), дека хирург гради подземни сообраќајници а носители на советнички листи денес се истите ликови како и пред триесет години… Па не можете децата да ги пикате во кочини помпезно крстени диско клубови, а потоа да обвинувате други дека се виновни за предвидливите катастрофи! Коишто, патем, сакаат како вина да им ги закачат на овие денес наместо на оние – вчера!

Како впрочем и дека сега луѓето не се грабаат за „Комунистичкиот манифест“ туку ја голтаат „Таков каков што сум“, дека во културата можете да мешате зрело со црвливо и сето тоа да го подведете под некаква имагинарна „партија на слободата“ неависна од државата, дека… Сето тоа е Македонија деновиве, но и утре, и задутре, и после тоа…

Зашто ова е замислено да трае, особено за одреден круг луѓе. Тие треба да бидат задоволни, тие мора да имаат сѐ што ќе посакаат, тие се нашето богатство а ние сме нивните поданици и новата работна сила. Сега на тезгарошине опинчари кои сакаат да се претставуваат како бизнисмени почнаа да им пречат и државните празници па бараат нивно укинување!

Или – погледнете ги само барем дел од оние кандидати за градоначалници! Особено оние од „прогресивниот“ фронт, оној фронт со нивниот источен сојузник којшто ни раскажува приказни за некакви „црвени линии“, за некаква иднина раководена од Дубаи или од јахтата на Халкидики, со невоспитани малограѓани кое не научиле како треба да се однесуваат во животот кон повозрасни? Мислат дека партијата им обезбедува сѐ, „од колевке па до гроба“?!

Зашто, извинете, кое е нивното морално кредо брутално и најпростачки да обвинуваат други за нивни пропусти во минатото? Особено за Кочани, за коешто една „пролетерка“ вреска дека „Траорот и тежината во Кочани изминативе шест месеци се сеприсутни и загушувачки…“. Ама тој траор и тежина во најава беа сеприсутни и во нивните седум години ама за тоа тие не говорат. Слепи се за оние нивни седум криминални години но го гледаат однесувањето на Мицкоски и неговиот „апсолутен недостаток на емпатија (…) на граница на социопатија!“. Згора, нивната простотија нема респект дури ни за возраста туку онака, од ракав, прогласува „дрскост и безобразие“! Каде растеле овие деца, кој ги воспитувал, тие ли ќе ја градат иднината? Со таков вокабулар, со таква омраза, со такви лаги…? Така ли им предаваат на нивната „славна“ Политичка Академија за Социјална Демократија? И младите што треба да останат во државава треба да учат од овој и вакви примери кои ќе им се качуваат наглава со нивните партиски функции и „школи“, со нивните „лидери“?

Или треба да ја чекаат „визијата“ на онаа „госпожа“ која, како сега падната од вселената, ќе им гради хабови, современи урбани простори, нови младински центри, некаков „годишен пакет што нуди бесплатен превоз, пристап до Зоолошката градина, музеи, библиотеки и културни активности“… А до сега некој им забрануваше да одат таму? Влегла ли воопшто таа „госпожа“ во некоја од овие институции, видела ли што таму се случува, видела ли млади односно видела ли што таму има да се види? Ништо. И какви се условите во тие институции? Или само тропа без врска, па нели се избори?!

Но сите тие „мерки и активности“ се однесуваат на оваа раја која по некоја случајност останала овде. И тие сакаат да ја задржат со такви глупави „визии“ зашто им треба членство и симпатизери, им требаат гласачи, треба некој да им носи бурек и да трча по вода на митинзите…! Тие тоа не можат самите да го прават, па тие се партиски функционери, по ѓаволите.

И наместо некој да излезе и да им се извини на едно чудо млади луѓе кои ги проголта оваа провинција, на голем број талентирани уметници кои не добија никаква шанса заради нивните партиски, пријателски, коалициски, семејни… компромиси и „копродукции“, лицитирања, подметнувања и подместувања…, тие и понатаму ветуваат брда и долини. За кого, и за кога?

Тие, впрочем, ни правеа нешто за другите освен за своите, ниту пак имаа(т) намера да прават. Тие обезбедуваа(т) иднина само за избраните, за своите односно за нивните деца кои учат на факултети вон оваа проклетија и кои никогаш и нема да се вратат. Така впрочем беше и во времето на најголемите загадувања во земјава, кога Скопје беше на самиот светски врв на листата на најзагадени градови. Нивните деца беа надвор! Ама „госпожа“ Шукова и нејзината партиска тајфа дури денес велат дека „Има мерки што може многу бргу да се реализираат…“, но тогаш кога тие мерки требаа да се реализираат, таа – молчеше. Но сега, допрва, ќе прави паркови и ќе придонесува „за квалитетен воздух и за подобар урбан живот“, ќе гради Конгресен центар откако го урнаа Саемот итн.! Чиста лага.

Дури, неодамнешниот министер за здравство Филипче, во чие време гореа луѓе во болници, сега нѐ просветлува дека „Нема лекови, се одложуваат операции, нема доктори, се затвораат клиники во интерес на приватните болници, кои му диктираат на министерот за здравство како да работи.“ Ова било „катастрофа од систем“, ама тој „систем“, таа „тотална блокада на државата“ ја остави токму тој и неговиот пајташ кој сега командува од Дубаи! Но и тоа им беше малку па и претходните криминалци денес сакаат да ни ги поттурат како идна власт!

Затоа, кога говориме за долгото, предолгото македонско (про)паѓање, не мислиме на ова денес туку особено на она вчера, но и години/децении пред тоа. И тука не мислам дека оваа власт ќе биде идеална или дека ќе успее многу да смени. За тоа се неопходни низа години коишто никој не ѝ ги гарантира. Но дека оние од вчера можат да направат нешто умно за утре е, извинете, вон памет. Таа банда е осведочено неука, алчна, арогантно себична и – крајно неспособна. Командите од Дубаи и Халкидики можеби можат сѐ уште да ја импресионираат онаа дечурлана во нивните редови и оној тамбурашки оркестар од изветреани „интелектуалци“. И никој друг.

И тоа нема да ги задржи младите тука. Но нема да ги задржи ни оваа власт доколку не им понуди сериозна визија за нова држава, нови вредности, нов морал… А тоа, богами, не е баш така лесно!

Извор: Теодосиевски уметност 

Поврзани содржини