Долгогодишен перверзен марш на меѓународната сцена
Очигледно, перверезиите на оваа провинциска „европска“ постава ќе го држат стариот континент во железна прегратка уште четири години. И ќе носат нови и нови налудничави одлуки, како оваа со Бугарија во Шенген зоната. Па таму со години не можат да состават нормална влада, овие ги промовираат во полно партнерство! Но, можат ли да се случат и чуда, па Трамп и Путин да ја растурат оваа перверзна политикантска еу фарса „како дете играчка“?
Сигурен сум дека голем дел од македонските граѓани кога ќе ја слушнат веќе „славната“ флоскула „Иднината на Западен Балкан е во ЕУ“, во бес се фаќаат за првиот предмет прирака. Се разбира, го парафразирам Гебелсовиот „чуен“ став за културата, но тој прилично сликовито го прикажува актуелното расположение кај нас кон овој процес. Освен, се разбира, кај онаа интелектуална клиентела која божем уште „се пали“ на еу (малите букви се… знаете веќе што), но многу повеќе на континуираните принадлежности од газдите, кои и да се. Што е само уште една перверзија плус, како наш придонес за веќе хроничната неморалност на блудната меѓународна сцена.
Поточно, перверзиите со македонските приклученија кон фамозната еу не се од вчера. Траат веќе дваесет години, со истиот ритам и текст, како некаков примитивен вергл. А него го врти кој како ќе стигне, од Делор до Проди, од Баросо до Јункер, од Урсула до… Урсула!
И навистина е неразбирливо како редици и редици европски „политичари“, со децении, најдрско и најбезобразно верглаат едни те исти флоскули за некаков Западен Балкан и неговото место/интеграција во еу. Безмалку вчера испилени на политичката сцена, тие се дрзнуваат некому да определуваат место во светот. Или, ако баш сакате, ако тоа си го дозволуваат и една Каја Калас од Естонија (којашто стекнува независност во 1991) и Марта Кос од Словенија (којашто до вчера се „вареше“ во истиот југословенски котел со нас!), тогаш нивните зборови попримаат перверзен призвук, нели?!
А за актуелното расположение на македонскиот граѓанин кон еу речито говори и последното истражување за довербата кон оваа „заедница“, спаднато на помалку од 50% (од некогашните над 70%). Таа и таква „доверба“ сигурно доаѓа и заради веќе нескриено безобразните и страотно тврдоглави „политики“ на европската комисија (малите букви се…), сега само преоблечена во нов состав под водство на старо-новата „госпожа Урсула“. Впрочем, ако и европскиот парламент имал отворено негативни чувства кон комисијата и нејзината „претседателка“ – имајќи го предвид соодносот на гласовите со коишто била избрана (370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“) – тогаш зошто баш македонскиот граѓанин би бил посебно воодушевен? А кога пак ќе го погледнете составот на комисијата, со онаа крволочна „воена линија“ на чело со „госпожа Урсула“ и Каја Калас, оној немтур Вархеи (сега прешалтуван во еврокомесар за здравје и благосостојба на животните), или онаа Захариева како еврокомесарка за старт-апи, истражување и иновации, сѐ ви е горе-долу јасно.
Или, поточно, јасно ви е дека скандалозните, и на моменти перверзни еу политики – како на пример малтешкото инстант укинување на визата на Захарова „поради околности што се вон наша контрола“ – ќе продолжат со несмален интензитет. А во редицата на глупоста како да се редат сите „еминентни“ еу политиканти: довчерашниот потпретседател на комисијата Схинас кој „објаснува“ дека „нема странични врати, кратки патеки или ставање на проблемите под тепих“ заборавајќи го експресниот воз за Украина; „госпожа“ Бербок со нејзиното слепило за европското криминално потпалување на војната во Украина (но затоа со „четири очи“ отворени да каже дека Кина се спротивставува на основните европски интереси со нејзината економска и вооружена помош за Русија); во слична перверзна воинствена труба дува и францускиот министер за надворешни работи Баро кочоперно петелејќи се дека еу ќе ја поддржува Украина „толку интензивно и колку што ќе биде потребно“, бидејќи „секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува кон Европа за еден квадратен километар“. Се разбира, и Баро, како и Бербок, заборава дека руската „специјална операција“ во Украина е заради истата причина: со напредувањето на нато (малите букви се…) за еден квадратен километар во Украина, заканата се приближува кон Русија за еден квадратен километар! Ама изгледа дека тие тези можат/смеат да важат само за Европа?
А кога сме веќе кај Франција и нејзините „политики“ (особено кон Македонија), таа, преку нејзиниот амбасадор Кристоф Ле Риголер, по којзнае кој пат, ни порачува дека ја поддржува нашата евроинтеграцијата, ама „преземените обврски мора да се почитуваат“ дури и кога „не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки“ (sic!). Згора на сѐ, нѐ теши дека е „неопходно да бидеме реални“!
И кога вакви лицемерни – да не речам перверзни – политикантски изјави слушаме буквално секој ден од (наводно) врвни европски политичари кои одлучуваат и за македонскиот „проблем“ – за малку ќе речев „македонското прашање“, ама тоа било нешто страшнооо! – и нашите вечни евроионтеграции, тогаш јасно е што (не) можете да очекувате. А во таа насока, до денес, ниту еден политикант – локален, бугарски или европски – не даде појаснување која е пречката за прифаќањето на македонскиот предлог за одложена примена на внесувањето на Бугарите во Уставот!? Или „пречката“ е само во нечии глави?
Заради сето погоре говорам за перверзни политики, за (веќе) очигледен анимозитет кон „македонското прашање“ – упс, пак грешка, мислев на проблемот – и кон сето она што до 1990 година не претставуваше ама баш никаков бауч ни за регионот ниту пак за Европа. Но, за воља на вистината, европската политичка сцена не беше секогаш ваква, особено не во тоа време. Имаше таму сериозни политичари, интелектуалци, одговорни и морални политики… Мое чувство е дека оваа „периферизација“ на европското политичко ниво, ова нејзино сведување на диригирана кукла на светската политичка сцена, како впрочем и силната милитаризација и провинцијализација на слободоумниот европски дух, се рефлексии од нејзиното речиси целосно потпаѓање под американско влијание. Дури и онаа Меркел, со нејзиното глупирање со „храброста и решителноста“ на еден наш локален пазарџија, го покажа своето вистинско лице!
Зашто, од друга страна, истото – поточно: многу поголемо! – осиромашување на политичката и интелектуална понуда е очигледно и „преку океанот“, каде „се разодуваат“ секакви провинциски „bumpkins“ и препродавачи на половни автомобили кои се гледаат себеси како господари на светот. Таму врв на демократијата е развластен претседател на држава да си го помилува синот од долгогодиша робија, а едновремено да бара Украина да ја намали минималната возраст за воена мобилизација од сегашните 25 години на 18 години за да се компензира недостигот од војници! Па зошто не ги прати неговите внуци на украинскиот фронт?
Но, без намера да се впуштам во потенцијални прогнози за текот на „новата американска политика“ на Трамп, првиот сочен шамар на воинствените европјан(к)и, па и на некои наши „стручњаци“, е изјавата дека ќе го спречи влегувањето на Украина во нато! Што е логично и е дел од некогашните билатерални договори со Русија. И што покажува дека ако барате од другите да ги почитуваат своите обврски, истото мора да важи и за вас. Како ли сега ќе ретерираат „госпожите“ Урсула и Калас, Руте и „нашана“ приколка таму, но и некои овдешни „аналитичари“ и „професори“.
А сепак, ваквото перверзно однесување на еу односно на нејзината морално и политички крајно дискутабилна комисија, не остана без соодветни одговори и внатре во Европа. Впрочем, „Брегзит“ не беше ништо друго туку еден од резултатите на тоа. Или денес, пораките на копретседавачот на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) Тино Крупала, кој смета дека Германија треба да го преиспита своето членство во НАТО, доколку алијансата во која доминираат САД не ги земе предвид интересите на европските земји, вклучително и интересите на Русија.
Но, очигледно, перверезиите на оваа провинциска „европска“ постава ќе го држат стариот континент во железна прегратка уште четири години. И ќе носат нови и нови налудничави одлуки, како оваа со Бугарија во Шенген зоната. Па таму со години не можат да состават нормална влада, овие ги промовираат во полно партнерство!
Но, можат ли да се случат и чуда, па Трамп и Путин да ја растурат оваа перверзна политикантска еу фарса „како дете играчка“?
извор: Теодосиевскиуметност