Долго ќе трае средбата Заев-Мицкоски, еве за што ќе разговараат

Премиерот е убеден дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат решение пописот да почне на 1 април. Според Заев, вакцините кои треба да пристигнат во недела ќе бидат наменети и за попишувачите кои се во приоритетната група.

1,643

Пописот, изборниот модел, гласањето со отисок од прст, отворени листи за локалните избори, одблокирање на законите во Собранието, се дел од темите кои ќе ги отвори премиерот Зоран Заев на средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, која ќе се одржи во Клубот на пратениците во понеделник во 13 часот.

Главниот опозиционер вчера упати јавна покана до Заев за средба на која ќе разговараат за, како што рече, сите проблеми коишто се од животно значење за граѓаните, од кризата од пандемијата, до работата на парламентот, за сè што е денеска отворено, а стои на маса.






– Ја прифатив поканата. Договоривме да се видиме со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во понеделник во 13 часот во Клубот на пратениците. Ќе разговараме за одблокирање на сите блокирани постапки откако вчера добивме сигнал дека можеме да ги решаваме. Како што претседателот на Собранието го прифати предлогот на опозицијата да се стави приоритет. Тоа треба да биде охрабрување да се најде решение за сите други прашања, кои, за жал, се блокирани во Собранието. Економските проекти за енергетска ефикасност, блокиран е проектот од 50 милиони евра за зголемување и јакнење на продуктивноста во земјоделството, трамвајот на тркала во Скопје, Клиничкиот центар. Драго ми е што ќе можеме во понеделник да соопштиме дека е најдено решение за Изборниот законик и за воведувањето отисок од прст. Верувам дека Собранието брзо ќе го стави на дневен ред. Треба да ги вградиме и препораките на ОБСЕ во Изборниот законик, треба да ги определиме изборните модели, се залагаме за отворени листи за локалните избори, за демократизација на државата преку новиот модел на гласање за парламентарните избори кога и тие да се случат, преку една изборна единица. Имаме многу што да разговараме, но најважно е низ дијалог да најдеме решенија – изјави Заев.

Премиерот е убеден дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат решение пописот да почне на 1 април. Според Заев, вакцините кои треба да пристигнат в недела ќе бидат наменети и за попишувачите кои се во приоритетната група. Тој е убеден дека членови на ВМРО-ДПМНЕ кои јавно изјавија дека нема да се попишат ако попишувачите не покажат документ дека се вакцинирани се поединци и дека сепак пописот ќе биде поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ.

– Верувам дека се само поединци. Сакам да ја потенцирам одговорноста што ја имаме сите граѓани пред државата. Ќе зборувам со Мицкоски за ваквите изјави, не е суштината во казната од 200 до 300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има. Верувам дека секој од нас граѓаните може да оддели 10 минути и да се попише и конечно по 20 години да спроведеме попис во државата. Мал милион детали ни се неопходни без разлика кој раководи со државата. Ако се вакцинираат попишувачите, а тие се планирани во првата категорија за вакцинирање, ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе даде поддршка. Тогаш сите ќе го поддржат пописот, освен Левица. Попишувачите се во приоритетните, очекувам Здравствената комисија тоа да го каже – рече Заев.

Мицкоски синоќа во гостување во Сител рече дека е подготвен да разговара на секоја тема, за пописот, за пандемијата, за економијата, за блокираните евроинтеграции и за широки или концентрациони влади, за национален спас, затоа што, како што истакна, граѓаните очекуваат да се постигне консензус за важните прашања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача и дека ќе бара одговорност за целата ситуација во која се наоѓа државата.

Од партиите засега не откриваат други детали за тоа што Заев и Мицкоски ќе стават на маса на тет-а-тет средбата.

Иако Мицкоски спомна дека е можно да се разговара и за широка, концентрациона или влада за национален спас, засега не се открива дали двајцата лидери ќе ја отворат и таа тема, како и темата за можни предвремени парламентарни избори.

Поврзани содржини