ДОЛГ ПАТ ЈА ЧЕКА ЦРНА ГОРА ДО ЕУ Калас посочи дека земјата мора да се фокусира на реформите
Црна Гора е исклучително вреден партнер, затоа почнуваме со Црна Гора, бидејќи направивте многу добар напредок на европскиот пат, посочи претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Каја Калас.
Црна Гора треба да се фокусира на реформите бидејќи има уште многу да се направи на патот кон полноправно членство во ЕУ, изјави денеска во црногорската престолнина Подгорица високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Каја Калас.
Таа денеска ја започна турнејата во повеќе земји од Западен Балкан. По Црна Гора ќе ги посети Албанија и Босна и Херцеговина. Ова е нејзина прва посета како шеф на европската дипломатија на земјите од регионот.
– Црна Гора е исклучително вреден партнер, затоа почнуваме со Црна Гора, бидејќи направивте многу добар напредок на европскиот пат – рече Калас на прес-конференцијата со црногорскиот премиер, Милојко Спајиќ.
Таа ја истакна поддршката на ЕУ за европската интеграција на земјата и ја поздрави посветеноста на Црна Гора за реформи.
Според Калас, за процесот на приклучување потребни се многу сложени реформи.